Гонџа Озмен: Ни треба поезијата како антипод на оттуѓувањето

Пишуваат: Александра Јуруковска и Сребра Ѓорѓијевска

Балканот е регион во кој имаме блиски историски и културни врски и релации. За жал, сепак, тешко е да кажеме дека добро се познаваме – вели поетесата Озмен.

Струшките вечери на поезијата, на пример, е еден од најстарите, најголемите и најважни поетски собирања во светот. За мене е чест што сум поканета на овој фестивал. Без ваквите можности, ние едноставно ќе се вовлечеме во нашите школки и ќе ги слушаме само нашите гласови – вели поетесата Гонџа Озмен, која е една од поетесите што гостуваат на 62. издание на фестивалот во Струга. Нејзината поетска книга „Не кажувај никому“ годинава беше објавена на македонски јазик во издание на здружението „Лаг Агро Лидер“, благодарение на проектот READ – Регионална мрежа за културна размена.

Колку се чувствувате моќно додека пишувате поезија? А додека ја читате во себе или на глас својата поезија?

– Од старите времиња луѓето се обидувале да ги надминат нивните стравови креирајќи богови, божици и/или херои со извонредни моќи во митологијата и приказните. Тие никогаш не биле целосно задоволни со моќта што ја обезбедувала науката и технологијата и тие ги следеле своите фантазии, сонови, неограничени соништа со цел да ги надминат пречките, забраните преку уметноста. И денес е така. Уметниците најчесто создаваат со ентузијазам, екстаза, радост, возбуда, страст и со одредена доза на емотивна и интелектуална моќ и оттаму, пишувањето поезија дава смисла на внатрешната сила. За мене, пишувањето е како почеток на тешка задача со импулсот со чувствата и мислите на човек, инспирација, желби и како да покажувате сила. Тоа е како да раѓате дете без бабица, без лекар и како да ја сечете папочната врвца на вашето бебе самите. Пишувањето ми дава смисла на сила што доаѓа од можноста за отпор и за носење и растење со „вториот пол“ во доминантно машко општество.

Гонџа Озмен (фото: Филип Кондовски)

Затоа, пишувањето поезија за мене е отпор кон правилата, политичката и социјалната опресија, отпор кон капиталистичкиот систем, против себеси.

Пишувањето е бескраен напор да се изгради нешто ново, нов поглед на светот, нов начин на интерпретирање на светот, на истражување на другите и на себе самата. Пишувањето ми дозволува да ги гледам работите и да ги разбирам под површината. Јас верувам дека поезијата може да ги промени нашите животи, со оглед на тоа дека ја има моќта да ги смени нашите мисли и срца. Како што Одри Лорд вели: „Твојата моќ е релативна, но е реална. И ако не научиш да ја користиш, таа ќе биде употребена против тебе и мене и нашите деца. Промената не почнала со тебе и нема да заврши со тебе, но тоа што правиш со својот живот е апсолутно витално во тој синџир.“

Исто така, поезијата ми дава големо задоволство и возбуда да прочитам што имам напишано пред публика. Сакам да ја следам силината на мојот глас, неговите вибрации и промени, заедно со зборовите. Посебно со публика што слуша, кога чувствувам дека тоа што го пишувам некој го слуша, чувствува, разбира и го сака. Тоа е како награда, затоа што да изведувате е исто ко да сакате да создавате значајни мостови и да ги каните другите во вашиот сопствен свет. Тоа е исто така заплашувачко патување во непознатото и поради тоа секогаш постои анксиозност, зашто никогаш не можете да знаете како една група ќе изреагира на вашата работа.

Фото: Хасан Ајдин

„Не кажувај никому“ ја почуствував како монолог пишуван во еден здив, во неколку сцени, или низ неколку ситуации низ кои пее и води поетскиот глас. Како се раѓаа песните?

 – Оф, уште да знаев! Камо среќа да можев да пишувам во еден здив, на едно седнување! Којзнае колку пати имам напишано стих и имам коригирано? Фактот дека моите песни го пробудиле ова мислење кај вас е благодарение на напорот што го внесувам во звучниот елемент, ритамот и текот во напишаното. Како некој што доаѓа од култура базирана на волшебни приказни, песни за заспивање, мании и фолк песни, ù придавам голема важност на музикалноста. Мојата поезија е резултат на богата усна традиција базирана на песни, рими, шеги, загатки, клетви, легенди, поговорки, приказни што се широко распространети низ Анатолија. Секогаш се обидувам да обезбедам непрекината хармонија, уникатен ритам во еден стих, а и меѓу нив, со холистичка патека користејќи лингвистички техники. Ритамот ми е толку важен колку структурата на поезијата. Секогаш го читам гласно тоа што го пишувам  додека пишувам песна. Можеби затоа го имате чувството на глас што води или звук што пее.

Музиката ми дава крилја. Уште повеќе што одредени композитори создадоа песни според мои поеми. „Мемет“ беше компонирана од Cymin Samawatie. Тоа е песна базирана на турска песна за заспивање што се обраќа на некој што го има тоа име, Мемет, што е многу често машко име, но и име што го добива типичен турски војник. Песната е базирана на звук и движење, а доби и англиска верзија од Салиха Пејкер и Мел Кен.

Тургај Ерденер ја создаде Göle Yas и Ay İle. Оваа песна беше напишана како жал за езерото во Бурдур, Јужна Турција. Езерото, како многу други, отсекогаш било едно од главните бели дробови во тој дел на земјата, но во последните години, нови пракси во фармарењето и проблематични агрикултурни политики ја пренасочија водата од него и предизвикаа сушење. Песната се обидува да даде нов глас на неговата безгласност, тишина, на ова езеро што умира.

“Belki Sessiz”, е насловот на песната на мојата втора книга, и ја компонираше Месрух Саваш

Вредниот пијанист и композитор Фазил Сај исто така работи на композиција на една од моите поеми. Со овие инспиративени уметнички дијалози помеѓу поезијата и музиката, емоционалниот, интелектуалниот и естетскиот ефект на песните беше збогатен и се стекна со друга димензија.

Колку во денешното забрзано, дигитално, оттуѓено човештво поезијата како интимен чин го наоѓа своето место до модерниот човек? Колку е важен нејзиниот превод, колку е важно вмрежувањето, фестивалите?

Нам ни треба поезијата како антипод на оттуѓувањето што го чувствуваме. Поезијата му нуди бегство на современиот човек. Помислете на предизвиците на модерниот живот! Колку е тешко да се издржи! Слоганите на капитализмот, екомонијата што се заканува. Расизмот и национализмот што се во раст. Војни и воени конфликти. Бруталноста што ја сведочиме насекаде. Климатските промени. Проблемите на животната средина. Загадувањето. Проблемите со глобалното здравје. Кршењето на човековите права. Правата на бегалците. Тероризмот. Сиромаштијата, гладот. Зависноста. Нееднаквоста. Насилството врз жените. Нееднаквиот квалитет на образованието. Политичка, социјална и религиозна опресија. Дезинформација. Сајберсигурност. Цензура. Корупција. Модерниот свет навистина смрди, нели? Како и да е, нам ни треба да дишеме, нели?

Токму заради тоа нам ни треба да се поврзуваме, да комуницираме, да споделуваме со намера да го надминеме стравот на другите и границите што државите ги испречуваат за да ги држат непосакуваните подалеку. Токму заради тоа ние треба да се преведуваме едни со други. Како што некогаш рекол критичарот, автор Џорџ Штајнер: „Без превод, би живееле во провинции што граничат со тишина“.

Ни треба да креираме платформи за креативни поетски, уметнички дијалог што ги обединува странското, чудното и невообичаеното преку превод, зашто за мене, преводот е вид метаморфоза. Тоа е патување до Другиот – патување до друг ум, патување до друг јазик и традиција, до друга култура, до друга реалност. Тоа е ресоздавање, ревизија, повторно давање глас, реевалуација и повторно пишување. Преводот може да го смени текот на реката. Така, секоја идеја за проект во кој нечија идеја може да биде само витална работа. Јас сум толку среќна и почестена што сум дел од  оваа креативна соработка, овој лирски дијалог и овој игрив начин на бришење на сите видови граници, превртувајќи ги идеологиите на културна и јазична дислокација и оттуѓување.

Каква е современата турска поетска и книжевна сцена?

 Современата турска поезија може да се дефинира како колоритен мозаик или делта формирана од главни реки што потекнуваат од повеќе гранки. Има солисти на поетската сцена, не хорови. Иако постојат движења и групи во светот на поезијата, стихови, традициoнални. Поезијата е една од најсилните форми на уметност во Турција. Има силни корења. Има појава на силни квалитетни поетеси и такви кои успеаја да се прослават и надвор од земјата. Турското е едно од водечките општества во Европа според бројот на населението. Бројот на ученици во основно и средно образование го надминува бројот на жители во некои европски земји. Младите секогаш биле бунтовни, отворени за промена и револуција во слободата на мислата и уметничката креација. Како Рембо и Лотремон, многу млади поети и носат нови перспективи на поезијата и се обидуваат да направат нови гласови преку списанија, натпревари до книги. Како и да е, ова не е секогаш лесно. Како и во многу земји, повеќето од издавачките куќи во Турција, не настојуваат да објават поетски книги затоа што имаат помалку читатели. Повеќето нови поетски книги се издадени од независни издавачи со мали буџети. Опциите за самостојно издаваштво, електронски книги исто така се достапни. Треба многу трпение а ве издаде етаблирана издавачка куќа. Како и да е, деноввие, во економска криза што ја направи хартијата многу скапа, ги извади помалите издавачи од игра. Оваа растечка криза во издавачката индустрија е закана за интелектуалниот, културниот и уметнички развој во Турција.

Како ја доживувате балканската и колку ја познавате македонската книжевност?

– Балканот е регион во кој имаме блиски историски и културни врски и релации. За жал, сепак, тешко е да кажеме дека добро се познаваме. Благодарение на преведувачите, многу грчки песни биле преведени, почнувајќи од Хомер и Сафо, и други има на Крф. Имињата на поетите чии поеми сум ги прочитала од антологии или списанија, ми текнува на Христо Ботев, Љубомир Левчев од Бугарија, Тудор Аргези, Џорџ Госбук, Марин Сореску, Нина Касијан од Романија, Васко Попа, Десанка Максимовиќ, Данило Киш, Чарлс Симиќ од српската поезија, Мирослав Крлежа, Славко Михалиќ од Хрватска.

Македонската поезија се разви значитело особено во последните години. За мене е голема среќа и богатство да можам да ги читам овие поети: Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Радован Павловски, Ристо Лазаров, Катица Ќулавкова, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Игор Исаковски.

Книгите на овие поети – на Ќулавкова, Поповски, Тодоровски и Исаковски беа објавени на турски јазик. Сакам со вас да споделам дека ја подготвувам новата книга „Ева и јаболкото“ на Катица Ќулавкова, што многу ја сакам.

„Не кажувај никому“ е преведена на македонски јазик, благодарение на проектот READ. Колку важно да се користат вакви начини на соработка за да се запознаеме со културните едни на други?

 – Јазичната бариера е главната причина зошто турската поезија не е позната нашироко и раширена по светот. Турскиот јазик не е широко зборувам и е тежок за учење. Реткост е да сте како Назим Хикмет, бројот на турските поети што биле преведени на голем број светски јазици. Иницијативни што охрабруваат меѓукултурни соработки се многу добредојдени. Ни треба секоја можност за такво. Дијалог и да ги слушаме гласовите на другите преку саемите за книга, симпозиуми, фестивали, резиденции, работилници за прецод и проекти каков што е РЕАД.

Струшките вечери на поезијата, на пример, е еден од најстарите, најголемите и најважни поетски собирања во светот. За мене е чест што сум поканета на овој фестивал. Без овие можности, ние едноставно ќе се вовлечеме во нашите школки и ќе ги слушаме само нашите гласови.

Насловна фотографија: Филип Кондовски

Сподели