„Голем Град – последното скривалиште на природата“ (ВИДЕО)

„Голем Град – последното скривалиште на природата“ е кратко видео што го подготви Макединското еколошко друштво и е посветено на 15-годишната работа за зачувување на популациите на шумската желка, поскокот и рибарката на преспанскиот остров Голем Град. Видеото ги презентира и новите еколошки истражувања на островот Мал Град во Албанија.

Видеото е подготвено во рамки на проектот за зачувување на прекугранична Преспа на мрежата ПреспаНет, ,,Преспа Проект”, финансиран од фондациите Преспа-Охрид (PONT) и Ааге В. Јенсен, и поддржан од ЕуроНатур.

Привилегија и чест ми беше да работам со креативниот и истражувачкиот тим речиси година дена. Посетата на островите Голем Град и Мал Град беше уникатно искуство особено кога на терен ве пречекува тим којшто посветено работи на зачувување на дивите видови веќе 15 години. Тие се вистински чувари на природата, вели Фросина Панудрска-Драмаќинин, автор на видеото и проектен координатор во Македонското еколошко друштво.

Cвежиот воздух, недопрената природна убавина и разновидниот див свет имаа лековито дејство врз нас додека снимавме на терен, објаснува режисерот и монтажер Џорџ Стамкоски.

– Се вративме во Скопје подмладени и се надевам дека нашето видео го пренесува чувството на исцелителната моќ на природата на Голем Град – вели тој.

Тони Стојановски, одговорен за визуелниот дел на проектот, споделува дека е среќен што ја имал можноста да биде дел од тимот што работеше на видеото за Голем Град.
– На островот заедно со тимот истражувачи поминав осум дена. Работејќи блиску до Драган и Лилјана имав можност за островот да научам многу, а во самото видео се обидов преку нивната работа да ја пренесам неговата убавина и уникатност – вели Стојановски.

За музиката во видеото се погрижи мултимедијалниот уметник Дејан Спасовиќ.

– Процесот на создавањето на музиката за „Голем град“ беше, пред сè, справување со одговорноста што ја носи ова митско место, бидејќи, според мене, музиката за едно вакво видео во себе треба да ги содржи сите времиња низ кое поминува овој прекрасен остров – вели Спасовиќ.