Гласајте за петицијата за забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години

Група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани започнаа петиција со која бараат воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите. Можете да гласате на следниот ЛИНК.

-Напредноста на едно општество се мери преку тоа колку ги заштитува своите најранливи граѓани. Дигиталната ера донесе уникатни можности, но и сериозни ризици, особено за најмладите. Тие денес растат во свет каде дигиталните уреди и платформи се дел од секој аспект од нивниот живот – учење, игра, дружење и самоизразување. Сепак, дел од архитектурата на овие платформи е дизајнирана да го максимизира времето поминато на екран, користејќи алгоритми и техники кои ја експлоатираат ранливоста на младите корисници. Кај возрасните тоа може да создаде навики и зависност; кај децата и адолесцентите, кои сè уште се во развој, последиците можат да бидат долгорочни и штетни – велат од иницијативата.

Подигнувањето на свеста и едукацијата мора да продолжат и да се прошират, но тие не смеат да го одложуваат воведувањето конкретни заштитни мерки. Штетата веќе се случува пред нашите очи. Сите сведочиме на негативните ефекти, од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех.

Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира.

Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ.

Со петицијата се бара заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:

● Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
● Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
● Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
● Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
● Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
● Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.

Сподели