Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот концерт ќе одржи гитарското дуо кое го сочинуваат двајца меѓународно признати гитаристи од Црна Гора – Срѓан Булатовиќ (доктор од областа на изведувачките уметности и класична гитара) и Дарко Никчевиќ (фламенко гитарист и дипломиран стручњак од областа на аудио технологијата).
Тие повеќе години ја освојуваат музичката јавност со нивната виртуозност и возбудлива интерпретација, а вечерва ќе настапат во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Нивните два настапи во Карнеги хол (во 2016 и 2017 година) ја докажуваат уникатноста на овој гитарски ансамбл која е спој на медитеранската убавина и мистичноста на ориентот.

Повеќе од 25 години, ова гитарско дуо настапува пред домашната публика во Црна Гора, но и надвор од неа: САД, Русија, Велика Британија, Германија, Италија, Франција, Португалија, Полска, Обединети Арапски Емирати, Белгија, Холандија, Грција, Унгарија, во земјите од поранешна Југославија, Албанија, Азербејџан итн. Нивните настапи на кои изведуваат лична авторска музика ги одликува специфичен музички јазик во кој се испреплетуваат техниките и стиловите на класичната и фламенко гитарска интерпретација, а ги спојува нишка на традиционални црногорски мелодии и ритми, теми од филмска, популарна музика итн.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.