Фестивалот за млади „Џифони патува“ денеска и утре ќе престојува во Неготино во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“. Во филмската уметност ќе можат да уживаат учениците од гимназијата „Св. Кирил и Методиј“. Фестивалот ќе го отвори градоначалникот Горан Стојанов, а потоа младите ќе се запознаат со мисијата на фестивалот „Џифони Македонија“. Во текот на двата дена ќе гледаат европски филмови со теми што ја засегаат младата генерација.
Филмските проекции ќе бидат проследени со дискусии, а потоа на една од трите понудени креативни работилници, младите ќе ја поттикнуваат својата креативност и ќе се забавуваат.
Неготино е 24 општина каде под името „Џифони патува“ се одржува овој подвижен фестивал како продолжение на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ со својата мисија за ширење на филмската писменост и култура и кој влијае на неформалното образование на младите и низ помалите градови во нашата земја.
Проектот „Џифони патува“ (Giffoni on Tour) е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Делегацијата на ЕУ во Скопје и општина Неготино, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“.