Германскиот филм за деца „Макс и бесната дружина“ во киносалите низ Македонија

Детскиот германски филм „Макс и бесната дружина“, во режија на Винфрид Елснер, од денеска ќе биде прикажан во повеќе киносали низ Македонија. Проекциите почнуваат вечерва во 18.30 часот во киното
„Милениум“ во Скопје и во 19:00 часот во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар.

Од утре и в сабота (21 јануари) филмот ќе се прикажува во Кинотеката од 15 часот, како и во Центарот за култура Битола од 18.30 часот. До крајот на јануари проекции на филмот ќе има и во Културен и информативен центар Македонска Каменица на 25-ти месецов, како и во Дом на култура „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци и Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ – Неготино.

Станува збор за крими-авантуристички семеен филм по сценарио на Винфрид Елснер и Лиса Мари Дикрајтер. Филмот имаше премиера на фестивалот „Блек најтс“ во Талин во 2020 година и беше номиниран за награда. Улогите ги толкуваат Јона Ајзенблетер, Уши Глас, Мариа Хаалмер, Томас Тиме, Стела Брикнер, Алвара Хефелс, Нина Петри, Лео Ницка.

Младиот протагонист е деветгодишниот Макс, кој живее во дом за стари лица сместен во замокот Геролдсек каде неговата мајка работи како медицинска сестра. Макс исто така забележува дека нешто чудно се случува во старите ѕидови на домот. Изгледа дека мистериозен крадец краде скапоцености од собите на жителите среде бел ден. Меѓу осомничените е и мајката на Макс, на која ù се заканува отказ. Тој брзо ќе се спријатели со неколку од постарите жители на домот: актерката Вера, фудбалскиот тренер Хорст и истражувачот Килијан, попознати како Бесната дружина. Заедно ќе го изведат вистинскиот крадец пред лицето на правдата.

Дистрибутер на филмот е „Катавеј“, а дистрибуцијата на филмот е овозможена од „Герман филмс“ и потпрограмата МЕДИА Креативна Европа.