Гастрономското наследство на Македонија напишано, насликано во уметничка книга

Традицијата е главната инспирација за уметничката книга „Патување низ гастрономското наследство“ спакувана како готвач со рецепти од најубавите јадења во Македонија. Книгата е дел од кампањата „Мириса на дома“ на Халкбанк, како дел од долгорочниот проект „Трајни културни вредности“

Во мугрите некаде во Македонија, зад дрвената врата во трошната куќа со ѕидови од ќерпич и слама, врз подот од набиена глина покриен со црвен ткаен волнен ќилим, бабичката со ковчести прсти мајсторски го тркала сукалото напред-назад и прави проѕирна кора од тестото што бавно расте покрај огнот во каминот. Просторијата полека се загрева како што Сонцето продира со првите зраци во денот.

Корите се шират како што сукалото лета врз нив, се поросуваат со ситно сечкана пржена кисела зелка и се мотаат во змијолики дебели гајтани кои спирално се вртат во тепсијата. Вршникот е веќе врел и спремен да го зготви највкусниот појадок за целото семејство. Дел од жарот се трга настрана, другиот добро се распоредува и врз него се става тепсијата што се покрива со голем капак, врз кој се распоредува останатиот жар. Не треба многу време за да се испече. Капакот се трга, пареата како вретено се извива од зелникот, а највкусниот појадок е спремен за јадење.

Најголем дел од луѓето во Македонија во минатото немале многу. Но, имале многу љубов за сè што готвеле. Малата земја која со векови била крстопат на различни народи била и е богата токму заради тоа. Секој што на минување останал тука, оставил и вградил дел од својата култура. Колку што луѓе минале низ Македонија, толку слоеви има културата и традицијата на оваа земја. А традицијата е главната инспирација за уметничката книга „Патување низ гастрономското наследство“ спакувана како готвач со рецепти од најубавите јадења во Македонија. Книгата e некомерцијално издание е дел од иницијативата „Мириса на дома“ на Халкбанк, како дел од долгорочниот проект „Трајни културни вредности“.

„Овој проект е возбудливо патување низ богатото културни наследство на нашата земја, а една од клучните нишки на тоа наследство е храната. Рецептите кои со векови ги креирале вкусовите на нашата земја беа инспирација авторите да го создадат ова дело“, пишува во уводниот дел на книгата.

Кога ќе ја земете в раце, прво вниманието ви го привлекува корицата (дизајн: Кристијан Јованоски) од темно-зелена боја со бело милје што се плете со една игла. Во минатото жените најчесто плетеле со памучен конец, но побогатите користеле и свилен. Во содржините ќе наидете на еден куп рецепти, сите собрани од луѓе од различни краишта на Македонија. Халкбанк во соработка креативната агенција „Ефектива“ создадоа вистинско уметничко дело. Текстовите ги подготвија Гоце Трпковски, Мирко Трајановски Александра Тодоровиќ и Софија Семенпеева. Посебно внимание е посветено на визуелниот изглед на книгата. Добар дел од рецептите се надополнети со наменските илустрации што ги подготвија Кристојан Јованоски, Наташа Андонова, Анастасија Јованова, Софија Семенпеева и Орце Нинески. Според книгата, режисерот Радован Петровиќ сними седум инспиративни видеа. Како се прави сарма од лозов лист, како се меси пита, вкусно тавче-гравче како се крчка во керамичка тава, како се готви риба. Директор на фотографија е Кристијан Војдановски.

Како дел од проектот се и уметничките дела, инспирирани од рецептите во книгата. Шест академски уметници изработија 18 графики во повеќе техники. Во целокупниот проект се вклучени повеќе од 30 автори и уметници.

„Оваа книга не е обичен готвач. Во неа се вткаени многу генерации, многу емоции, многу потези на четка. Во неа е вткаено едно уметничко дело кое ќе сведочи за есента кога трагајќи по традицијата на македонската храна се чувствувавме како стапалата да не ја допираат земјата“, велат членовите на тимот.

Во „Патување низ гастрономското наследство“ на 160 страници ќе прочитате како се готви сарма, мусака, турли-тава (посна и мрсна), тавче-гравче, комат, ширден, Елбасан тава. Па слатки – орасници, туфакии, татлија, тиквеник. Ниеден македонски готвач не може да помине без рецепти за ајвар, пиперки „печи-гмечи“ или полнети со урда …

Концепциски уметничката книга е поделена според места и региони. Почнува со Кратово, продолжува со Вевчани, Пелагонија, Дојран, Берово. Прво има неколку корисни совети: како да ја подготвите кујната за готвење, кои се најважните состојки што секогаш треба да ги имате дома, која рингла да ја користите кога готвите чорба, кога да го ставите тавчето на оган, како да додавате вода. Книгата почнува славите кои и денес се дел од нашата традиција и како се прави славска погача. Покрај секој рецепт, освен состојките и начинот на подготвување има и куси совет и трикови. На пример, кога готвите мусака, додајте малку црвено вино во месото за побогат вкус. Или пак за помека татлија треба да го ставите шербетот да отстои малку пред да го нанесете на кората. Или дека пиперките полека сушени на сонце даваат посебна сладост и арома на макалото…

Посебна убавина на книгата која креаторите со право ја нарекуваат уметничка, имаат илустрациите за голем дел од рецептите. Па така ќе се одушевите од сусамот кој Јованоски толку внимателно го „наросил“ на витките од зелникот, туфакиите со шлаг на Јованова, слаткото од смокви на Андонова, симит-погачата на Нинески или дојранската риба на трска на Семенпеева.

Како што пишува во книгата: „традиционалната македонска храна е врска со земјата со семејството и со предците. Во секој оброк се чувствува љубовта на мајката, грижата на таткото и мудроста на бабата која со години ги пренесува рецептите од едно поколение на друго.“

На крај ќе наидете на неколку празни страници, место за вашите рецепти со кои на најубав начин ќе ја продолжите оваа вековна традиција.

Сподели