Група млади ентузијасти од Крива Паланка се приклучија на иницијативата за зачувување на живото културно наследство преку проектот на Центарот за култура за изучување на традиционални инструменти
Младите имаат интерес за изучување на кавалот, гајдата, тапанот, тамбурата и други народни инструменти, а своите вештини ги презентираат преку настапите на фолкорните друштва во кои членувуваат и на други манифестации во земјата и странство. Група млади ентузијасти од Крива Паланка се приклучија на иницијативата за зачувување на живото културно наследство преку проектот на Центарот за култура за изучување на традиционални инструменти, поддржан од Министерството за култура. Семинарот се одржува веќе втора година, под раководство на проф. д-р Горанчо Ангелов од Музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
– Додека модерните трендови често ја засенуваат традиционалната музика, овие млади се посветени на совладување на вековните инструменти кои се пренесуваат низ генерации во Кривопаланечко. Целта е да ги привлечеме младите и талентирани музичари да го зачуваат оваа вредно народно богатство и наследство за идните генерации и да обезбедат негова афирмација и одржлив развој – вели Ацо Златановски, координатор на проектот и стручен соработник во Центарот за култура во Крива Паланка.
Младиот Теодор Смиљков истовремено е посветен и на зачувување на традицијата, и го споделува своето искусво за изучување на гајдата, инструмент кој обично го свират постарите членови.
– Гајдата не е толку тежок инструмент, но треба напорно да се вежба. Вистинско задоволство е да се свири на него за да се зачува традицијата – објаснува Смиљков.
И Христијан Марковски веќе втора година наоѓа инспирација во кавалот, омилен инструмент во неговото семејство.
– И брат ми има кавал и свири на него. Можам да кажам дека традиционалните инструменти повторно влегуваат во „мода“. Затоа, апелирам повеќе млади да свират традиционална музика, даси го зачуваме нашето културно наследство – гордо вели Христијан.
Важноста од вклучување на младите во традиционалната музика ја истакнуваат и професионалните музичари, близнаците Мартин и Марјан Бошковски, чиј прв инструмент е хармоника.
– Отсекогаш сакавме да свриме традиционални инструменти. Со проф. Ангелов имавме можност да ги научиме овие инстрменти – тамбура, кавал, гајда и др. Треба повеќе да ги негуваме и да ги внесуваме во музиката која ја слушаме и свириме, а и младите музичари треба повеќе да се посветат на неа. Нивното изучување за нас, секако, е полесно, бидејќи имаме средно музичко и музичка академија, но и за младите почетници не е тешко да да научат, само треба да имаат желба – велат браќата Бошковски.
Професорот Горанчо Ангелов, доктор по етномузикологија, кој го води семинарот за изучување на традиционални инструменти во соработка со Центарот за култура од Крива Паланка, смета дека вклучувањето на овие млади таленти ќе го отвори патот токму тие да бидат идни чувари на традиционалната музика.
– Се надевам дека изучувањето традиционални инструменти ќе прерасне во традиција и во следните години може да очекуваме да имаме зрели музичари, чувари-пренесувачи на традиционалната музика и традиционалните инструменти – посочува Ангелов.
Тој е оптимист во врска со повторното оживување на традиционалната музика и покрај предизвиците што ги носи модерното време.
– Во споредба со пред 20-30 години, денес ситуацијата е многу подобра. Важно дека младите пројавуваат интерес и откако ќе го совладаат инструментот, следниот чекор е колку ќе ја негуваат старата музика или онаа мешавина од старото и новото, бидејќи секое време си носи свои потреби и побарувања. Мојата препорака и животно мото е да се обидат колку може подлабоко да навлезат во изворното и потоа да го презентираат во државата и надвор од неа – порачува Ангелов.
Како карактеристични инструменти во Кривопаланечко, професорот ги издвојува ќемането, кое за жал изумира и го свират уште двајца-тројца кеманџии. Тој се надевам дека некој од овие млади ученици во иднина ќе пројави интерес и за овој инструмент, а ги истакнува и гајдата и тапанот и кавалот како инструменти застапени во овој регион.