Француско-германски проект „Старата скопска чаршија: визија за иднината“

Во Јуроп хаус во Скопје денеска во 10 часот ќе биде отворен француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визија за иднината“ што го организираат Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, заедно со институтот Гете и германската амбасада во земјава. Пред присутните ќе се обратат амбасадорите на Франција и на Германија, Кристоф Ле Риголер и Петра Дрекслер, Катарина Оствалд-Рихтер, директорка на Гете институтот и Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје.

Тие ќе го претстават проектот кој е заснован на меѓукултурен и меѓугенерациски дијалог, чија цел е да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовираа историското наследство на Скопската чаршија и да предложи креативни решенија за сочувување на културното наследство во иднината.

Денеска е и прв работен ден на проектот, а ќе учествуваат аниматорите и учесниците на работилниците. Секој ментор ќе ги претстави активностите што претстојат во наредните денови. Предвидени се и видео работилници, работилници за фотографија, по историја, по книжевност и по архитектура. Ќе учествуваат студенти од различни факултети во Скопје.

Аниматори на работилниците се реномирани артисти, режисери и професори. Од Франција доаѓаат Леонор Мерсие, режисерка и аниматорка на видео работилницата и писателката Аријан Жус која ќе ја води книжевната работилница, фотографот Хајнрих Холтгрев од Германија, аниматор на фото работилницата, Даниела Николова, историчарка, советничка и кустос која е менторка на историската работилница и проф. д-р Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје и аниматорка на архитектонската работилница.

Проектот ќе трае до сабота (4 октомври) во 20 часот во Сули ан и ќе биде дел од програмата на Бела ноќ, во форма на мултимедијален спектакл и презентација на разултатите од страна на учесниците. По презентациите од 21.30 часот следи концерт на електронска музика Париз-Берлин-Скопје. Диџеј сетови ќе имаат диџеј Дарко Јорданов (Скопје), диџеј Бојан Јанев (Скопје/Берлин) и диџеј Женева (Париз). Настаните се отворени за сите посетители.

Сподели