Францускиот продуцент Паскал Јуделевиќ на средби со македонските филмаџии

Тридневни професионални филмски средби и работилници со францускиот филмски продуцент Паскал Јуделевиќ, претседател на Акажу продуксион од Париз, денеска ќе завршат во Скопје. Јуделевиќ е автор со четириесетгодишна кариера и повеќе од 30 продуцирани филмови.

Десет носители на проекти ги презентираа своите проекти и добија професионални видувања од страна на францускиот продуцент Јуделевиќ, како и потенцијални можности за соработка. Вчера се случија неколку средби околу проектот на Јуделевиќ, „7 дена, 1 филм”, со неколку филмски професионалци од земјава.

Денеска на програмата е работилница за пишување сценарио на Факултетот за драмски уметности, во рамките на која ќе бидат опфатени основите на драматургијата, конструкцијата на нарацијата и преминот од идеја во сценарио. Оваа работилница е наменета, пред сè, за студенти, млади автори и идни филмски работници.

Преку оваа тридневна програма, Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје и Агенцијата за филм ја потврдуваат заедничката посветеност на филмското творештво преку едукацијата на младите професионалци и дијалогот помеѓу француската и македонската филмска сцена, како и организација на сеопфатни активности во доменот на филмот предвидени со Договорот за копродукција помеѓу Франција и Северна Македонија, потпишан помеѓу двете земји во февруари 2021 година.

Сподели