Францускиот поет Жан Пјер Симеон добитник „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата

Германската поетеса Катрин Пиц за стихозбирката „Вакви денови имало отсекогаш“ на доби наградата „Мостови на Струга“ која ја доделуваат СВП во соработка со УНЕСКО за најдобра дебитантска збирка

Истакнатиот француски поет Жан Пјер Симеон е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2024 година. Германската поетеса Катрин Пиц за стихозбирката „Вакви денови имало отсекогаш“ на доби наградата „Мостови на Струга“ која ја доделуваат СВП во соработка со УНЕСКО за најдобра дебитантска збирка. Наградата на Симеон лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 22 до 26 август.

Одлуките денеска беа сооптштени во Македонската академија на науките и уметностите, каде воедно беше одбележан 21 Март, Светскиот ден на поезијата. Учествуваа истакнати поети-членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и други истакнати поети од различни генерации. Поетскотото послание за 2024 година го прочита истакнатата македонска писателка Оливера Ќорвезироска.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на СВП рече дека Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја.

Тодорче Тасевски и Елизабета Шелева / Фото: СВП

– Тој e сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на Љубовта и Убавината. Во песните на Симеон од почетниот период одѕвонува една самосвојна дидактика на Љубовта – а која стреми и досега отаде (похотливата и голосетилна) еротика „на прва рака“. Од друга страна, Симеон негува своевиден естетизам (благородна доверба во моќта на зборот), кој останува до крај имун, резистентен кон денес, помодните искушенија на анти-естетизмот, како и кон владејачката поетика на грдото – рече Шелева.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Жан Пјер Симеон вели:

„Се осмелив пред неколку години да напишам есеј под наслов ,Поезијата ќе го спаси светот’. Таа безусловна афирмација од насловот им се чинеше дека е смешна на многумина на земјината топка кои веруваат дека Поезијата е само еден шармантен орнамент, една јазична игра која може да ги интересира само неколкумина остроумни лингвисти. Меѓутоа, јас сум цврсто определен да мислам дека највозвишената Поезија, од видот на она пеење што е отелотворено во поетските опуси на венценосците од Струга, во оваа земја Македонија, што ги овенча бесмртните поети од многу меридијани – е израз на една меморијална и универзална визија, која единствено може да и даде смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет.

Која е таа желба, таа надеж, тој толку силен елан што е обликуван низ вековите да им се спротивставува и да ги демантира најголемите насилија на Историјата. Токмy поезијата е вистинска одбрана на Човекот и неговата вознемирена и безгранично отворена совест, која сака да го пронајде своето соодветно место, исполнето со неговата простосмртна желба по Срцето на Непознатото,за да го направи свет животот во сите негови безгранични пространства.“

Жан Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на Пролетта на поетите. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата „Аполинер“. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во „Галимар“. Предавал на Институтот за универзитетско образование на учители во Оверњ, на Високата национална школа за уметности и техники на театарот, како и на Париската школа за политички науки.

Фото: СВП

Неговите збирки поезија се објавени во издавачките куќи „Шејн“ и „Галимар“, а неговите театарски пиеси се во издание на „Солитер ентампестиф“. За свето поетско творештво добитник на многу награди. Одликуван е со орденот Командант од редот на уметности и литература.

Поезијата на Жан Пјер Симеон е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поеткиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата, во 2010 година во препев на Јордан Плевнеш.

Катрин Пиц (1989 година во Марбург) е германска писателка, преведувачка и инженер. Се стекнува со магистратура како електричен инженер од Техничкиот универзитет во Дармштат, а работела на најразлични позиции поврзани со истражување и развој. Пишува поезија и белетристика, а преведува од шпански и норвешки на германски јазик. Во 2021 година ја добива наградата „Леонсе и Лена“ за млади поети. Нејзината прва поетска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“ е објавена во 2022 година. Во неа, таа се соочува со својата способност да памети, да држи работи во своите раце и да ги фати за рака луѓето кои се на работ на исчезнување. Опкруженоста со технички структури кои во секој момент можат да престанат да работат или да продолжат да функционираат е уште една тема која се повторува во нејзината поезија. Тековно, таа работи на својата втора книга, за која е добитник на грант за престој во Вилнус, Литванија, од страна на Хесенскиот книжевен совет и „Хајнрих Хајне Хаус“ во Линебург.

Насловна фотографија: Принтскрин/Извор

Сподели