Истражувања и објавени статии на француски филолози за македонскиот јазик датираат од периодот меѓу двете светски војни, пред неговата кодификација. Повеќе од јасно е дека во темелите на овој Лекторат е и еден претходен, исклучително значаен, непрекинат научен интерес за македонскиот јазик во француската филологија, рече проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на симпозиумот кој вчера се одра во Париз. Повод за научниот собир беше 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз, а се одржа вчера на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО).
– Токму тој Лекторат станува средишна точка на врските меѓу француската и македонската културна и академска средина, но и почетна точка на една нова ера на присуството на македонскиот јазик, литература и култура во Франција. Не само во првите години по отворањето, туку и во децениите потоа – рече Мојсова-Чепишевска.
Особено значајно е што на Лекторатот македонскиот јазик се изучува како главен предмет, а студентите можат да се стекнат со дипломи на сите три нивоа, до докторат. Мојсова-Чепишевска ги спомна и првата професорска катедра на која наставата ја изведуваат проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро и сегашниот лектор, м-р Ѓоко Здравески, проф. д-р Алекса Попоски и на лекторите што по него се вложувале во развојот на француската македонистика. Таа се осврна и на влогот на Ацо Шопов за воспоставувањето и развивањето на македонско-француските културни врски на современ план.
– Шопов, токму со песната „Во еден од центрите на Париз“ ни го остави и аманетот за врските меѓу македонската и француската култура – рече Мојсова-Чепишевска.
На симпозиумот имаше ученици од седум држави Франција, САД/Канада, Шпанија, Полска, Сенегал и Тунис, а македонските учесници ја испратија пораката дека по оствареното во изминатите педесет години, со јасна цел и визија, вложувањата во македонистиката треба да продолжуваат во годините што следат.