Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово денеска во 13 часот ќе биде отворена изложба на фотографии на златните археолошки артефакти од 4 и 3 век пред новата ера пронајдени кај селото Тремник, Неготинско. Ќе бидат претставени 24 фотографии.

– Археолошкиот локалитет „Орманков гроб“ се наоѓа во непосредна близина на Неготино, на јужната страна од селото Тремник. Од локалитетот се отвора широк поглед кон север до планината Клепа, на исток кон планината Серта, на југ кон Демиркаписката клисура и на запад кон планината Кожуф. Во август 2008 година при археолошко истражување од страна на стручна екипа од Музеј на град Неготино, под раководство на кустос-советник археолог Кире Ангеловски, пронајдени се повеќе предмети од златен накит и монети од 4 и 3 век пред новата ера – велат организаторите.

Пронајдени се монети-статери со ликот на Филип Втори и Александар Трети, фибули од малоазиски тип, златни висулци со копјеста форма и во вид на лешник, кружни алки украсени со гранули, златни завршетоци од ѓердан во вид на палмети, пиксида и друго.

Археолозите претпоставуваат дека гробот припаѓал на истакнат војник-офицер по потекло од Антигонеа, кој сигурно бил во војската на Александар Македонски додека војувал во Азија, и по враќањето го носи сиот овој златен накит, со кој потоа бил погребан. Артефактите денес се наоѓаат во Археолошкиот Музеј на Македонија. Изложбата досега е претставена во Неготино и во Кавадарци. Во Куманово ќе биде поставена до 4 мај.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.