Фотографии на Глигор Кондовски изложени во Битола

Во рамките на проектот „Урбана агенда“ во кафе-барот „Порта џез“ во Битола е отворена изложбата на уметничка фотографија „Импровизации“ на Глигор Кондовски. Фотографиите се сценски фотографии во вид на комбинирано спојување помеѓу визуелна и аудитивна (музичка) импровизација специфична за џез музиката. Фотографиите се направени на фестивалот „Крај Вардарот џез“.

Во својот најнов фотографски опус, реномираниот режисер и фотограф Глигор Кондовски приоѓа апстрактно. Изнаоѓајки визуелни решенија надвор од границите на дотогашните индивидуални и глобални фотографски тенденции, тој ги поместува своите внатрешни граници и ја ослободува вештата рака. Во таа целосна слобода и предаденост во самиот чин на фотографирање, флуидноста на уметничкиот момент го носи во најсовремен фотографски израз. Фотографијата не е повеќе фотографија, таа е цртеж и слика. Преодот на ова високо фотографско ниво е свесно обмислен, а не просто-интуитивен, иако неговиот фотографски инстинкт никогаш не може да го излаже.

Изложбата е посветена на мултимедијалниот македонски уметник, продуцент и автор Мирко Попов (1972 – 2024).

Проектот „Урбана агенда“ се реализира со поддршка на независната културна сцена е финансиран од Швајцарската амбасада во Скопје.

Сподели