Форум на тема „50 години Конвенција за светско наследство на УНЕСКО: Меѓународни стандарди во национален контекст“ утрово во 9 часот ќе се одржи во Europe House Скопје. На собирот ќе учествуваат стручни лица и меѓународни експерти од надлежните државни и меѓународни институции и организации. Тие ќе зборуваат за заштитата и управувањето со светското наследство на национално и меѓународно ниво, како и за состојбата со имплементацијата на оваа Конвенција во нашата земја.
Дебатата е по повод 50-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО, а ја организира Националниот комитет на ИКОМОС Македонија. Оваа организација како дел од Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС, е советодавно тело на УНЕСКО токму за спроведувањето на оваа Конвенција и во оваа насока се приклучува кон одбележувањето на нејзиниот 50-годишен јубилеј.
Со какви предизвици се соочуваме при имплементација на домашната и меѓународната легислатива кога станува збор за зачувување на културното и природното наследство кое е од глобална важност и дали располагаме со потребните ресурси и капацитети за да се справиме со овој предизвик? Ова се само дел од аспектите што ќе бидат опфатени на форумот. За онлајн учество на форумот задолжителна е претходна регистрација на линкот.





