„Фолтин“ вечерва на „Светско, а наше“ во „Јавна соба“

По незаборавниот концерт на Зарина Првасевда во рамките на „Светско, а наше”, со нетрпение се очекува и вечерва да продолжи низата од концерти кои го исполнуваат поткровјето на „Јавна соба“ со квалитетна светска музика. На ред се етаблираните „Фолтин“ што ќе настапат вечерва во 21 часот. Музиката на „Фолтин“ е непредвидлива и предизвикувачка, надреална, страсна и духовита, динамична и полна со изненадувања и спојува многу жанрови, која ќе повика на трансцедентален танц и вечерва.

„Фолтин“ постои од 1996 година. Зад себе има девет самостојни албуми, музика за преку триесетина театарски претстави, музика за десетина филмови, меѓу кои кандидатот за Оскар „Медена земја” и интернационално најнаградуваниот филм „Исцелител”. Со концертни настапи и театарски перформанси во живо гостувале во Македонија, Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка.

Освен на македонски, англиски и француски, пеат и на т.н „спонтан eсперанто“, имагинарна смеса или фонетска имитација на светските јазици. „Фолтин“ себе си се опишуваат како псевдо-емигрантско кабаре.

Ќе настапат: Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника, Бранислав Николов – гласни и други жици, Пеце Трајковски – Брада – дирки, гитара, перкусии, Гоце Јованоски – бас и Славчо Јовев – тапани.

World Music Saturday е мотото на фестивалот „Светско, а наше”.

Сподели