Во пресрет на јубилејот: Концерт на „Фолтин“ во „Јавна соба“

Во пресрет на јубилејот – 30 години од нивниот прв концерт, групата „Фолтин“ утревечер во 21 часот ќе одржи концерт во „Јавна соба“ во Скопје.

– Тоа е добар стаж, но за пензија е сè уште рано. Можноста за нови приказни е секогаш отворена – вели Пеце Трајковски – Брада од „Фолтин“.

„Фолтин“ се познати по својата жанровска слобода, сценска разиграност и уникатниот баланс меѓу интимност и театар. Нивните концерти не се само изведби, туку ритуали на споделување, во кои, како што велат, „публиката станува коавтор на приказната“.

– Со скопската публика сме во специјална емотивна поврзаност која низ годините прерасна во вистинска љубов. Помеѓу нас нема веќе тајни, сега сме во една отворена хармонија во која на секоја средба максимално уживаме – додава Брада.

Бендот најавува вечер исполнета со стари омилени песни, но и нови изненадувања.
„Ние сме деца на Мајката Земја и припаѓаме на овие универзални текови – затоа нашата музика е бесконечен циклус кој секогаш носи нова енергија“, истакнуваат членовите на „Фолтин“.

Славчо Јовев ја издвојува песната „Двојка“ како визит-карта на бендот:
– Таа во себе ги содржи сите елементи по кои се препознава музиката и звукот на „Фолтин“ – емотивен набој, необичен аранжман, специфични ритми и извонреден текст.

Утрешниот концерт ќе го претвори „Јавна соба“ во сцена што живее, дише и се смее заедно со „Фолтин“.

Сподели