„ФИНКИ нема зграда, учиме пред Влада“, „Претеравте“, #ERROR 404 Влада, Not responding… беа дел од пораките што студенти и професори на ФИНКИ вчера ги искажаа јавно на нивниот протест пред Влада. Тие излегоа на мирен протест за да укажат за решавање на нивниот просторен проблем чие решавање се одолговлекува. Професорите и другиот наставен кадар пред Влада ја одржаа 25. редовна седница на Наставно-научниот совет.
„Од Владата ни беа понудени неколку можности на веќе постојни објекти да се адаптираат за потребите на Факултетот. Скоро една година помина во анализа на можностите, пред сè во насока на соодветноста на предложените простории, но за жал ниту една не беше соодветна за потребите и дејноста на Факултетот“, вели Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ во интервјуто за Умно.мк.
Од Владата вчера посочија дека „во тек се активности за изнаоѓање времено решение во врска со обезбедувањето соодветен простор за спроведување на наставата на Факултетот, како и реализација на трајното решение“.
– Одлучни сме да обезбедиме достоинствени услови за настава на студентите на ФИНКИ во предвидениот нов современ објект кој започна да се гради во 2015 година и активно работи на надминување на проблемот што се појави поради стечај на фирмата- изведувач на градежните работи. Се очекуваат извештаите од ревизијата на проектот и проценката на извршените активности од договорот коишто се во надлежност на релевантни органи, по што веднаш ќе се пристапи кон избор на нов изведувач, што целосно и во ефикасна процедура ќе го изгради новиот објект на ФИНКИ – Скопје.





