Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе бидат презентирани уметничките проекти на четворицата финалисти за наградата „Денес“: Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров. Утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата и ќе биде соопштен добитникот на годинашната награда. „Денес“ се доделува по 16. пат на млади визуелни уметници до 35 години, а победникот ќе добие двомесечен престој во Њујорк, во Residency Unlimited (RU).

За наградата одлучува жирито составено од: Вивиана Ќеќиа (Лондон), куратор, Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), минатогодишна добитничка на „Денес“, Славчо Димитров (Скопје), истражувач, активист, Нора Халими (Тетово), уметничка и Лилиа Куделиа (Киев/Далас), историчарка на уметност.

Дарко Алексовски (1989 година) е визуелен уметник чија практика се формира на пресекот помеѓу слики и текст. Неговите досегашни проекти вклучуваат интерес за различни визуелни јазици и долгорочни истражувачки процеси, како и интерес за релациите кои се формираат помеѓу личните и колективните сеќавања. Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Ивана Мирчевска (1992 година) е визуелна уметница и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото. Мирчевска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2015 година) и магистрирала на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018 година).

Кристина Пулејкова (1988 година) е уметница, која живее на релација Скопје и Лондон. Нејзината интердисциплинарна практика е заснована на науката и технологијата. Делото на Пулејкова го истражува начинот како употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек-природа. Преку употребата на извонредна технологија, нејзините дела честопати се занимаваат со прашања од животната средина, притоа раскажувајќи лични приказни што ја ставаат публиката во центарот на сцената, овозможувајќи протагонистички пристап и поинаков начин на гледање на нештата. Пулејкова магистрирала сликарство и анимација од Универзитетот за применета уметност, Виена, Австрија и уметност и наука на Central Saint Martins, Лондон.

Зоран Шекеров (1992 година) е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Дипломирал на Катедрата за фотографија на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје. Неговата практика вклучува долгорочни креативни истражувачки проекти во полето на фотографијата кои се соочуваат со човечката состојба во даден социополитички контекст и ги испитуваат прашањата за идентитетот, патриотизмот и носталгијата. Неговиот документаристички стил ги спојува формата и чувствата, сеќавањата и верувањата.

Наградата ја доделуваат Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.