Пишува: М-р Маја Георгиева Павловски, лиценциран семеен и системски советник, основач на Mental Growth
За жал, филтрите не се само дигитални, тие стануваат начин на живеење. Сè повеќе млади луѓе чувствуваат потреба да се скријат зад маска: да изгледаат среќно, да се насмевнуваат и кога не се чувствуваат среќни, да покажуваат успех дури и кога сe тажни и чувствуваат болка. Потиснувајќи ги сите емоции сè повеќе секојдневно се соочувам со млади кои се соочуваат со анксиозноста.
Живееме во време кога избледува важноста на реалноста, на она што е вистинска вредност. Сè повеќе совршените виртуелни животи стануваат сè попривлечни. Младите секојдневно се под влијание на фотографии од „идеални“ лица, тела, животи. Тие несвесно почнуваат да ја градат својата вредност врз тоа што го гледаат, а не врз тоа што го чувствуваат. До кога ќе молчиме за последиците од филтри кај младите? Кој ќе им каже на младите дека не мора да бидат „совршени“?
Оваа колумна е обид да погледнеме што се крие под филтрите. Да го поставиме прашањето: што навистина им прават социјалните мрежи на самодовербата и автентичноста кај младите, а од друга страна, што можеме ние, возрасните, да направиме за да им помогнеме на младите.
Постојаната употреба на филтрите и промоција на секогаш совршениот живот во длабока основа носат несигурност, страв од неприфаќање онаков каков што си, скриена болка. Тие водат кон бегство од реалноста, од вистинското себе, од несовршенствата и од чувството дека можеби не сме доволно добри.
Филтрите и маските даваат илузија на контрола, на совршенство, но само илузија. Да, филтрите донесоа илузија. Совршени лица, идеални животи, тела без мана. На младите им се наметнува потребата од совршенство. Кога ќе се соочат со реалноста која е далеку од совршенство кај нив се јавува фрустрација, срам и чувство на неуспех.

За жал, филтрите не се само дигитални, тие стануваат начин на живеење. Сè повеќе млади луѓе чувствуваат потреба да се скријат зад маска: да изгледаат среќно, да се насмевнуваат и кога не се чувствуваат среќни, да покажуваат успех дури и кога сe тажни и чувствуваат болка. Потиснувајќи ги сите емоции се повеќе секојдневно се соочувам со млади кои се соочуваат со анксиозноста.
Животот под филтрите е губење на контактот со себе. Така пласирани водат кон намалување на самодовербата. Намалената самодоверба води кон повлекување во себе, страв од пораз, губење на животната радост и смисла. Се заборави она што е суштината — љубовта, искреноста и прифаќањето на онакви какви што сме, различни, но прекрасни на свој начин. Никогаш повеќе не сме се лажеле себеси, а и другите дека се чувствуваме добро.
Вистината е дека многу луѓе не можат да заспијат од анксиозност. Многу луѓе работат без енергија, се будат со тежина во градите, со грутка во грлото, со потење на рацете и чувство на лебдење. Вистината е дека многу млади имаат несоница, имаат промени во однесување и промени во апетитот. Наместо да споделат со родителите избираат да стават маска на среќа и да ја потиснат болката која може да има последици врз менталното здравје. Многу луѓе се чувствуваат празно, но повторно објавуваат насмевки покажувајќи дека сè е во ред, а всушност не е.
Зошто? За да не бидат осудени дека се жалат. Кога последен пат прашавте некого како е и активно го слушнавте неговиот одговор? Кога последен пат се прашавте себеси и го слушнавте одговорот…
Време е ние, возрасните, да се вклучиме и да помогнеме младите да се вратат кон вистинските вредности – менталното здравје, работата на себе, а не само физичкиот изглед. Најголема и најефективна помош е да почнеме од себе. Помош преку личен пример. Ако ние самите се преоптоваруваме само со изгледот, диети, брендови и трендови, а никогаш не зборуваме за емоции, грижа за себе – младите ќе нè следат. Започнете од покажување и прифаќање на секоја емоција. Треба да им помогнеме на младите да сфатат дека не треба да бидат нечии копии, ами свои личности.
Да зборуваме со нив. Да ги прашаме: „Како си, навистина?“ и да ги слушаме без да ги прекинуваме. Да ги охрабриме да се запознаат себеси, а не да се менуваат. Да нормализираме доколку имаат проблем да се побара стручна помош. Како што вложуваме во облека, тренинг, кожа и коса, така да почнеме да вложуваме повеќе во умот и срцето.
Да не ги фалиме нашите деца само за изгледот, туку за емпатијата, за идеите, за грижата што ја покажуваат. Нашите деца нема да престанат да користат социјални мрежи, но можат да научат да не се дефинираат преку нив. А тоа започнува со нас. Не можеме да ги тргнеме младите од социјалните мрежи, но можеме да им помогнеме да не ја бараат таму својата вредност. Да ги научиме дека совршенството е илузија, а вистината – иако често е тивка и несовршена – носи мир.
Да ги потсетиме дека секој од нас вреди заради тоа кој е кога никој не го гледа, а не поради тоа како изгледа. Она што е неопходно е секој еден од нас да се врати кон себеси. Таму каде што нема филтри, е токму таму има вистинска среќа. Токму таму има живот, длабоко во душата.
Фото: Јутјуб/принтскрин Dove Us





