Под мотото „Будење на сонот“, 12. издание на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) ќе биде обележано во знакот на надреализамот и шпанскиот генијален автор и режисер, Луис Буњуел. Во Музејот на современата уметност во Скопје денеска во 12 часот ќе се доржи филмско матине кое воедно е и најава за ретроспективата на Буњуел која ќе се одржи од 19 до 27 мај во Кинотека на Македонија. Пред присутните ќе се обратат Слаѓан Пенев од Филозофскиот филмски фестивал, амбасадорот на Шпанија во земјава, Хосе Луис Лосано Гарсија и проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет во Скопје. Ќе биде проектиран документарниот филм „Генерација: Буњуел, Лорка, Дали“ во режија на Хавиер Еспада и Алберт Монтон.

Документарецот ја раскажува приказната за незавршената биографија на Макс Ауб посветена не само на Буњуел, туку и на целата Генерација ‘27 со златната тројка Буњуел-Лорка-Дали како стожер на шпанската култура од 20 век.

– Луис Буњуел, Салвадор Дали и Федерико Гарсија Лорка – млади и бистри, интелигентни и весели, имаа проект за модернизација на земјата, визија за промена којашто секогаш беше придружена со насмевка, шега и генијалност. Но, тие ја претрпеа и трагедијата на војната којашто ги обележа и нив и целата нивна генерација. Некои беа убиени, како Лорка. Други беа принудени да отидат во егзил, како Буњуел. А некои, како Дали, мораа повторно да се реосмислат преку карикатура, понекогаш брилијантна, понекогаш срамна, за да преживеат – велат организаторите.

Во 1967 година, издавачката куќа „Агилар“ побарала од Ауб да ја напише биографијата на колегата од мексиканската генерација и егзил: филмскиот режисер Луис Буњуел. Кога Ауб умира на 22 јули 1972, на своето биро остава 5.000 страници напишани на машина, резултат на незавршен проект кој ја надминувал типичната биографија и ја одразувал синтезата на цела генерација шпански уметници чии животи биле обележани од три војни и прогонство кое траело повеќе од 30 години.

– Овој хетероген сет на материјали ја одразуваше и модерната концепција на Ауб за наративниот жанр: лик конструиран од мозаик од различни визии и разнородни материјали – белат од ФФФ.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.