Филмскиот композитор Олафур Арналдс лауреат на 7. „Скопје синема сити“

Седмото издание на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе биде отворено на 18 септември во дворот на Кинотеката, со проекцијата на уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун. Филмот му е посветен на филмскиот композитор Олафур Арналдс, којшто е воедно и „Артист во фокусот“, односно ќе ја добие Наградата за животно дело за заслуги за музиката и филмот.

На Исланѓанецот Олафур Арналдс, Фестивалот му ја испрати наградата на Исланд. За потсетување, лауреати на фестивалот досега се: Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019), Влатко Стефановски (2019) и New Order (2020).  Арналдс е еден од најпопуларните млади современи композитори на класична и филмска музика и зад себе има импозантен опус.

Филмот е уметничко дело којшто раскажува една човечка приказна што се базира врз животот на Арналдс. Снимен на локации во Исланд летото 2020, филмот истражува теми како ритуали, односи и нашите внатрешни пејзажи преку музиката на последниот албум на Олафур „Some Kind of Peace“, која е изведена и снимена на сетот. Како и албумот, така и филмот се фокусира врз тоа како сите се движиме напред во животот – тема која е особено важна во период на изолација и исклучување од светот.

Вториот филм на програмата на фестивалот е биографскиот филм за легендарниот џез-уметник Мајлс Дејвис „Birth of the Cool“, во режија на Стенли Нелсон. Оваа година се навршуваат 30 години од смртта на овој уметник чие име е синоним за џез-музиката. Мајлс е човек кој со својата музика и добар вкус неколкупати го менувал текот по којшто се движела музиката и неговите успеси, живописен живот и карактер се тема на овој двочасовен филм.

Фестивалот е во организација на здружението „Номад-Арт“ – Скопје во соработка со Кинотеката, Гете Институтот и фондацијата „Милан Младеновиќ“. Визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Фестивалот ќе се одржи во два блока – 18 и 19 септември и 21 и 22 септември. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот и билетите ќе можат да се набават само на касата.

Сподели