Филмски разговори со Ана Василевска на Саемот на книга

На штандот на книгоиздателството „Гаврош“ на Саемот на книга во арената „Борис Трајковски“ во Скопје денеска во 13 часот ќе се одржат филмски разговори поттикнати од новата книга „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска.

– Саемот на книгата може да биде место и за филмски разговори, да размениме мислења и впечатоци за нашата кинематографија, но и воопшто за филмот како уметност. Книгата може да ни биде мал вовед во домашните филмски води. Можност да се погледнат и наградените изданија на оваа издавачка куќа, како и уникатните изработки на атељето „Скарабеј“ – велат организаторите.

„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е издание на „Македоника“. Во книгата, на стотина странци е отсликана македонската филмска продукција во последните триесеттина години, таа е јасна и концизна приказна за почетоците на нашето самостојно филмување, но и стручен приказ на времето во кое живееме сега во филмска смисла на зборот.

Сподели