Филмовите му припаѓаат на колективот што работел на нив, а романите – на авторот и само нему

Покрај мојата работа како филмаџија – јас сум романсиер – и многу сум горд што за прв пат на „ПРО-ЗА Балкан“ го претставувам македонскиот превод на „Истарско злато“. Многу сум среќен што ја промовирам книгата овде – и помагам да најде македонска публика. Му благодарам на мојот издавач од Скопје, Дејан Трајкоски

Мајк Дауни е автор, филмски автор, активист, продуцент. Деновиве е гостин на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан во Скопје, во чии рамки, вечерва во 20 часот во Кинотеката ќе биде организирана средба со него, како и проекција на филмот „Караула“ на Рајко Грлиќ, во кој тој е продуцент.

Како писател на белетристика, Дауни пишува на многу теми. Неговата огромна архива од објавени текстови во публикации како Вог, Варајети, Скрин, Стилс, Синеаст… Исто така тој е соосновач на „Мувинг пикчрс групација“ за издаваштво во деведесеттите. Како филмски автор има работено со сценаристи како Елрој, Гинтер Грас, Колм Тоибин, Ли Хол, Давид Гросман и заменик-основачот Шејн Смит, како и со еклектичен спектар на режисери како Агњешка Холанд, Фолкер Шлендорф, Питер Гринавеј, Оливер Хиршбигел и Мохсен Макмалбаф.

Како претседавач на Европската филмска академија, тој е соосновач на Меѓународната коалиција за филмски работници во ризик и една деценија беше повереник на Алијансата „Бела лента“. Бил и визитинг-професор по филм на Универзитетот во Охајо „Томас Јуинг“. Во 2021 година тој стана почесен претседател на филмската награда LUX, која ја доделува Европскиот парламент, а истата година беше награден со О.Б.Е. на кралската роденденска почесна листа за неговите услуги за британската кинематографија. Во 2022 година, Универзитетот во Ворвик му додели на Дауни диплома за доктор по литература, honoris causa (D.Lit) за неговиот придонес во светската кинематографија.

Вашата врска со Балканот е доста силна, имајќи предвид дека сте работеле на филмови како „Караула“ и дека сте основач на сега веќе непостоечкиот Мотовун филмски фестивал, поранешен уметнички директор на Пулскиот филмски фестивал, како и уметнички советник на Загребскиот филмски фестивал. Што ве привлекува во овој регион и како ја гледате улогата на балканската кинематографија на глобалната сцена?

-Вистина е дека мојот придонес кон фестивалите е значаен, но горд сум на фактот што од околу 100 филмови што сум ги продуцирал, приближно 20 се со врвни режисери од овој регион. Тука мислам на имиња како Срѓан Драгоевиќ, Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ, Раде и Данило Шербеџија, Антонио Нуиќ, Фатмир Кочи и Мирослав Момчиловиќ. Она што ме привлекува е да работам со најдобрите режисерски таленти и на највисоко ниво. Балканската кинематографија има силна позиција на глобалната сцена, како и продукцијата од овој регион. Затоа успеав да донесам меѓународни филмови овде, како што беше случајот со „Голциус и Пеликан компани“ на Питер Гринавеј и White Lightnin’ на Доминик Марфи, снимени во Хрватска со одличниот продуцент Игор А. Нола. Но, мора да имаме предвид дека етикетата „балкански“ честопати е отфрлувана од страна на режисерите и филмските критичари, поради полуориенталната перцепција на регионот. Лично, сметам дека тоа е редуктивен став. Балканската кинематографија е динамична и мултикултурна, и има извонредно наследство кое треба да се слави. Јас барем го славам!

Прв пат учествувате на „Про-За Балкан“ литературниот фестивал, кој е фокусиран на литературата. Како ги гледате пресекот меѓу литературата и филмот, и каква вредност имаат литературните фестивали за некој кој е длабоко вкоренет во светот на филмот како вас?

-Покрај мојата работа на филм, јас сум и романописец, и особено сум горд што на овој фестивал го претставувам македонскиот превод на мојот роман „Истарско злато“ за првпат. Среќен сум што ја промовирам книгата овде и ѝ помагам да најде македонска публика. Огромна благодарност до мојот издавач од Скопје, Дејан Трајкоски. Тоа е мојот главен интерес за овој литературен фестивал. Литературата е мојата прва љубов – иако бев „неверен“ кон неа додека снимав филмови. Сега чувствувам дека се враќам „дома“. Ако снимањето филм е како да одиш во војна, тогаш пишувањето роман е повеќе како да си снајперист – секогаш подготвен да го направи она што е потребно, да покаже иницијатива и да биде креативен на начин кој е многу, многу поразличен од останатите војници.

Се чини дека во моментот постои тренд филмските творци да се насочуваат кон пишување романи – како Вернер Херцог, Дејвид Кроненберг, Тарантино, Брајан де Палма, Мајкл Ман, Чарли Кауфман и со оглед на барањата што се поставуваат денес тоа не ме изненадува. Пресекот на филмот и литературата е тешко да се анализира. Едниот е најчесто колективен чин на цела армија вреден 10 милиони долари, наспроти еден војник и лаптоп од 200 долари. Значи, индустриски, индустриски процес кој ги претвора парите во светлина наспроти занаетчискиот процес кој ги претвора зборовите во мастило на испечатена страница. Мислам дека едниот процес е за создавање на наративен моментум во период од 90 минути, а другиот истражување или лик со користење на зборови, слики и многу имагинација.

Низ годините продуциравте филмови кои освоија престижни награди, од Венецискиот „Златен лав“ до премиерите на „Санденс“. Како ја гледате улогата на фестивалите и наградите во обликувањето на патувањето и успехот на филмот?

-Иако сум благодарен на големите фестивали каде моите филмови биле прикажани – оваа година беше навистина напорна оти имав филмови на Кан, Венеција и Берлин и секако фестивалите во Телурид, Торонто и Санденс сè уште играат клучна улога во поддршката на авторскиот филм со кој се бавам за да му помогнам на филмот да допре до публиката во свет кој е сè помалку способен да се справи со големата креативна амбиција на авторите.

Има сè помалку простор во кината, и секако сè помалку сериозно покривање во меинстрим медиумите. Значи, од една страна филмските фестивали се незаменливи за филмската индустрија. Тие обезбедуваат клучни платформи за нови таленти, поттикнуваат вмрежување и соработка, прикажуваат разновидни и иновативни филмови и ја ангажираат публиката на значајни начини. Од друга страна, се повеќе има мнение дека фестивалот стана поважен од филмовите. Егото на некои фестивали е натоварено со уште поголема суета од она на филмските работници – што е многу тешко да се победи. Дополнително тука се барањата за ексклузивност, фактот што во некои земји дистибуцијата замре поради плејадата фестивали (особено мислам на Хрватска), фестивалската шема ја замени дистрибутивната шема и фестивалите станаа дистрибутери. Тоа е проблем особено за мали земји. Има голем број фестивали за кои забележувам дека стануваат преголеми за нивните чизми – што никогаш не би можело да се каже за Берлин, Кан, Венеција и вистинските играчи, но важи за останатите кои си знаат кои се!

Глобалната филмска индустрија се соочува со бројни предизвици, од пост-пандемиското закрепнување до промени во дистрибутивните модели. Како некој кој е длабоко вклучен во европската и меѓународната кинематографија, кои се најголемите предизвици денес и како мислите дека филмаџиите можат да се справат со нив?

– Како претседател на Европската филмска академија и претседател на наградата LUX, длабоко сум вклучен во справувањето со многу од главните предизвици со кои се соочува европската и светската кинематографија. Двете се взаемно поврзани. Синџирот на дистрибуција и прикажување претрпе големи удари, и потребна е поддршка на национално и европско ниво за да им помогне на кината и дистрибутерите да се опорават.

Онлајн прикажувањето го промени пејзажот – и нуди нови можности, но и предизвици. Клучот е да се најде балансот меѓу заштитата на филмот како уметност за големото платно и онлајн дистрибуцијата како начин за поврзување со публиката. Јасно ми е дека европската филмска индустрија најверојатно полека излегува од најрадикалната промена во историјата, а прашањата што треба да си ги поставиме во текот на следните месеци и години треба сериозно да се фокусираат на тоа како можеме да избегнеме непоправлива штета и да го претвориме предизвикот во одржлива иднина за нашата индустрија.

Продукцијата е друг проблем. Секоја година во Европа се снимаат околу 2.500 играни филмови. Ако пресметаме добро, еден евроски граѓанин оди во просек 2,1 пати годишно во кино, наспроти 5,5 пати колку што оди еден американски граѓанин. Минатата година во САД беа прикажани 504 филмови. Само размислете за тие бројки и размислете дека Индија продуцира 1.500 -2.000 филмови секоја година на повеќе од 20 јазици со население од 1,41 милијарди наспроти 441 милиони во ЕУ. Тоа е аритметичка материја за размислување.

Покрај тоа што сте продуцент, сте и писател и имате искуство со медиумското објавување. Како пишувањето влијае на вашиот филмски процес и што можеме да очекуваме од вас понатаму?

Моментално сум во постпродукција на неколку филмови, вклучувајќи го и новиот филм на Агњешка Холанд за Кафка во кој литературата се сретнува со филмот во Прага. Работам и на нови филмови со Фатмир Кочи и Срѓан Драгоевиќ, како и на нов филм на Антонио Нуиќ. Документарниот филм што го работев со Олег Сенцов беше огромен хит во Карлови Вари, како што беа и моите соработки со Рунар Рунарсон на When the Wind Breaks во Кан и „О“ во Венеција. Значи, тоа е напорна година. Други проекти на кои работам е GEEEL од Оливер Хиршбигел и Алберт Оелен кој ќе биде прикажан во Талин.

Сега сум расположен за пишување и ми се допаѓа идејата дека можам да пишувам апсолутно за што сакам и лудо да размислувам колку што сакам. Сонувам. Споредено со филмот, романот нуди широк спектар на наративни можности и единствена креативна слобода кои се целосно анатема на процесот на снимање филм. Сега би можел да снимам високобуџетен филм со буџет за нискобуџетен филм. Разликата беше во тоа што сè се одвиваше во мојата глава и помеѓу мене и празната страница. Кога првпат се зафатив со пишување роман, се навратив назад и се запрашав што навистина ме мотивирало да вложувам толку многу време, пари и труд, ангажирајќи огромен број луѓе, уметници и професионалци во еден чин на заедничка соработка, минувајќи низ бурните води каде што креативниот процес се судира со индустриската машинерија, која во европската арт-хаус кино индустрија често има малку шанси за големо влијание.

Клучната разлика меѓу двете активности е контролата. Продуцентот или режисерот секогаш мисли дека ја контролира ситуацијата. Но, снимањето филм е постојана низа избори и несреќни случајности. Тоа е лотарија која бара бескрајна соработка и компромис со десетици специјалисти, сите убедени дека се попаметни од креативците од друг оддел. Веројатно нема пофрустрирачки начин за создавање уметничко дело. Јас го нарекувам gesamtkunstwerk фактор. Филмовите не му припаѓаат никому. Никому, освен на колективот. Романите, пак, му припаѓаат само на авторот. И токму во тоа се крие целосното чувство на исполнетост.

„Истарско злато“ е првиот дел од книжевната трилогија со наслов „Три бои Истра“ – тоа е еден вид омаж за местото што го нарекувам дом во последните 25 години – една благодарност до овој крај, каде што, како Ирец, научив да го сакам животот во природа, далеку од градската врева каде што го поминав поголемиот дел од мојот работен век. Ова е совршено место за пишување. Веќе го завршувам вториот дел, „Истарско црнило“ кој ќе биде објавен во Велика Британија и Ирска во февруари, а работам и на планот за „Истарско синило“ кој ќе биде напишан во 2025 година.

Активизмот и општествената одговорност се дел од вашата кариера преку вклученоста во организации како Амнести интернешенел, Фондацијата „Белата панделка“ и Меѓународната коалиција за филмски работници во ризик. Како тие играат улога во вашата кариера?

-Во предговорот на „Истарско злато“ има неколку цитати, еден од нив е од Алис Вокер: „Активизмот е мојата кирија за живеење на оваа планета“. Навистина верувам дека секој од нас има своја улога во социјалната одговорност како дел од кармата. Како што одлично го кажа Алан Бенет преку зборовите на ексцентричниот стар професор во неговото дело „The History Boys“: „Пренеси го. Понекогаш тоа е сè што можеш да направиш. Земи го, почувствувај го и пренеси го понатаму. Не за мене, не за тебе, туку за некого, некаде, еден ден. Пренесувајте го понатаму, момци. Тоа е играта што сакам да ја научите. Пренесувајте понатаму.“ Тоа е играта што ја играм не само како претседател на Европската филмска академија или на наградата LUX, туку и преку мојата активна вклученост во овие убави и угледни организации. Ова мора да се пренесе и преку мојата работа. Дури и ако снимам мрачен акционен хорор филм како Deathwatch со Џејми Бел и Енди Серкис, филмот има морална длабочина за пацифизмот, бесмисленото уништување на војната и важноста на солидарноста. Големите приказни траат. Преку раскажувањето приказни, го пренесувам знаењето, културата и традициите, и ако тоа се случи насекаде, неизбежно светот ќе стане подобро место. Луѓето раскажувале приказни со зборови, звуци, гестови и слики долго пред да научат да пишуваат. Ние само ја продолжуваме традицијата. Пренесувајте понатаму.

Сподели