На програмата на „Македокс“ денеска во 11 часот во „Лабораториум“ во Скопје ќе се одржи мастерклас со филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут со наслов „Звуци и слики од втора рака“. Смитс и Стаут со присутните ќе споделат како се запознале, нешто повеќе за својата заедничка љубов за луди земји, за својата соработка на филм и радио и за реупотребата на архивски звуци и слики. Во текот на предавањето ќе прикажат и инсерти од своите досегашни филмски и радиопроекти.
Документарниот филм „Архитектон“, германско-француска продукција, во режија на Виктор Косаковски, ќе биде прикажан вечерва во 21 часот во Куршумли ан. Станува збор за видеоесеј што ја промислува поврзаноста на човештвото со природата. Косаковски го користи пејзажниот дизајн на италијанскиот архитект Мишел де Лучи и преку кругот се осврнува на историјата и нејзините цивилизации, од 60-тата година по Христа до 2023 година, додека минатото и иднината се судруваат во фасцинантни кадри.
На платото пред Музеј на Македонија, во 20.30 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ на Марија Џиџева. Шабан Сејдиу е борач, шампион, четирикратен олимпиец. Тој е еден од најголемите и најуспешни спортисти во Македонија. Филмот е спортска приказна што ни го покажува патот на едно мало дете од Скопје, кое го освојува светот со својата целосна посветеност на борењето.
Во Сули ан во 22.30 часот ќе бидат прикажани студентските филмови „Танцување со Камара“ на Сандра Ѓоргиева, „Во минување“ на Луција Бркиќ и „Животот на даската“ на Леона Јариќ.
Под смоквата во Куршумли ан веќе почнаа да се одржуваат сесиите разговори со филмските автори кои се гости на фестивалот „Македокс“. Сесиите се отворени за јавноста и може да присуствуваат сите кои се заинтересирани да дознаат какви се патиштата за реализација на еден креативен документарен филм – од идеја до снимање, монтажа, постпродукција, премиера и дистрибуција споделени лично од филмските автори.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „Македокс“, на Фејсбук, Инстаграм, дневните видеохроники се на профилот на „Македокс“ на „Јутјуб“, а може да се симне и фестивалската апликација.
Партнери на „Македокс“ се ППФП, Младински културен центар, Кинотеката и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.
Петнаесеттото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, чешката aмбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.
Медиумски покровители на „Македокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Трн.мк и Култура Бета.