Филмови, концерт на Камерниот оркестар од Битола… на Деновите на македонската култура во Прага

Со тридневна ревија на македонски филмови што ќе се одржува во „Едисон филм-хаб“ во Прага, до 9 септември во чешката метропола се организираат „Денови на македонска култура“. Ќе бидат прикажани три краткометражни филмови: „Налепница“ од Георги Унковски, „Змија“ од Андреј И. Волкашин и „Северен Пол“ од Марија Апчевска, како и четири долгометражни филмови: „Хомо“ од Игор Иванов, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ од Теона С. Митевска, „Врба“ од Милчо Манчевски и „Сестри“ од Дина Дума.

Претставувањето е по повод одбележувањето на Денот на независноста на Македонија – 8 Септември и претседавањето на Чешка со ЕУ. Министерството за култура, во соработка со нашата амбасада во Прага ја подготви програмата, која пред чешката и европската културна јавност ќе претстави млади, но и докажани автори и репродуктивни уметници од Македонија.

Покрај прикажувањето на дел од поновата македонска филмска уметност која доживува меѓународен успех, вечерва концерт ќе одржи Камерниот оркестар од Битола, кој постои неколку децении и активно ги промовира авторите и уметниците од Македонија во меѓународни рамки. Со Камерниот оркестар, кој ќе изведе македонска изворна и популарна музика, ќе настапат и солистите Влатко Стефановски и Тамара Тодевска. Пред концертот, присутните ќе ги поздрави министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

В петок, во престижниот театар Divadlo Apollo, ќе биде изведена претставата „Антитело“, авторско дело на студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје под менторство на проф. Зоја Бузалковска. Претставата, преку документарен театарски формат, прикажува вистински приказни од животот на студентите по актерство и нивните блиски пријатели и познаници, кои се случиле во минатото, а чии последици излегуваат на површина во текот на пандемијата.

Во рамките на престојот во Прага, Костадиновска-Стојчевска денека на пладне ќе се сретне со заменик-министерот за култура на Чешка, Ондржеј Храст. На 9 септември министерката ќе се сретне со студенти од земјава кои се школуваат во Чешка, поддржувајќи ги нивните амбиции и интереси, како и позитивното искуство што го имаме со Чешка на полето на образованието, особено во областа на филмот.

Сподели