Филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски ја доби специјалната филмска награда и статуетка за граѓански активизам на фестивалот „Сим фест“ во Романија. Филмот беше во официјалната селекција на јубилејното 20 издание на фестивалот.
„Сим фест“ е ТВ и филмски фестивал – еден од ретките во Европа кој истовремено е културен настан и летна школа за новинари, а жирито што ја додели наградата ја сочинуваат еминентни личности од областа на новинарството и кинематографијата од Романија и од други земји.
Фестивалското патување на „Бизнисот на задоволството“ ќе продолжи во Италија кон крајот на октомври, со официјална селекција на 27. издание на фестивалот International police award arts festival- IPAAF, а потоа и на Маdrid Film Awards во Шпанија.
Филмот на Цветановски во август беше премиерно прикажан пред македонската публика на затворањето на 22. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Политичкиот трилер ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка подготвува тајна операција за да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Цветановски е и автор на сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски. Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм. „Бизнисот на задоволството“ ќе биде и дел од програмата на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.