Филмот на 35-милиметарска лента беше во фокусот на четвртата сесија од втората сезона на проектот „Филмска училница“ што викендов се одржа вo Кинотека на Македонија. На оваа училница учествуваа и триесетина ученици од тетовските училишта. Филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева прво ги запозна учесниците со процесот на создавање филмска сторија од идејата до нејзината реализација. Таа низ повеќе примери визуелно претставени инсерти од десеттина различни филмови од разни периоди, автори, стилови и жанрови говореше за идеите за филмска приказна кои можат да бидат инспирирани од вест во медиумите, настаните во обичниот живот, литературата.

– Од вестите во црните хроники на медиумите до литературните предлошки кои биле екранизирани во култни филмови, како новелата „Соларис“ на Станислав Лем и филмот „Соларис“ на Андреј Тарковски, или „2001: Одисеја во вселената“ на сценаристот Артур Кларк и режисерот Стенли Кјубрик – објаснуваше Џиџева.

Филмологот-советник Игор Старделов и филмологот Арсим Лесковица ги запознаа учениците со дејноста на Кинотеката, начинот на кој се чува националното аудиовизуелно богатство и условите во депоата, процесот на реставрација и дигитализација на филмовите. Старделов со предавањето „Вкусот на филмот“ ги воведе учениците во тајните на кинематографијата создавана на класичната филмска лента од нитратната и целулоидната ера.

Во вториот дел од „Филмска училница“ учесниците имаа можност да видат филм проектиран на малку подзаборавената 35-мм лента и од некогаш многу популарниот жанр на репертоарот на домашните киносали. Станува збор за филмот „За грст долари“ (Per un pugno di dollari / A Fistful of Dollars, 1964, 99 мин., колор, 35 мм) на Серџо Леоне, родоначелникот на т.н. „шпагети вестерн“, засебен и екстра популарен поджанр на сите светски меридијани. Филмовите реферираат на класичниот американски вестерн, но главно се снимани во Италија, на италијански јазик, нахсинхронизирани на англиски јазик. „За грст долари“ е дел од трилогијата во која спаѓаат „За долар повеќе“ (Per qualche dollaro in più / For a Few Dollars More, 1965, 132 мин.) и, веројатно најпознатиот, „Добриот, лошиот и грдиот“ (Il buono, il brutto, il cattivo / The Good, the Bad and the Ugly, 1966, 178 мин.), со Клинт Иствуд во неговата иконична улога на мистериозниот револвераш.

Средношколците од скопските училишта кои учествуваат во „Филмска училница“ под менторство на Џиџева ќе можат низ десет сесии, секоја сабота, да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик, да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела, а низ сесиите на „Филмска училница“ и да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат. Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура. Во „Филмска училница“ се вклучени десетина средношколци, а во реализацијата учествуваат Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски, Арсим Лесковица, Кире Велков.

Фото: Кинотека на Македонија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.