Македонскиот филм „М“ на Вардан Тозија е прогласен за апсолутен победник на Интернационалниот филмски фестивал „Гримфест“ во Манчестер. Филмот во продукција на „Фокус покус“ ја имаше својата британска премиера на 16. издание на „Гримфест“, кој се вбројува во најзначајните жанровски компетитивни фестивали во Велика Британија.
Жирито образложи дека „М“ бил истакнат во речиси секоја категорија во која се натпреваруваше, што го прави јасен избор за годинешното главна награда.
– Дистописката приказна која доаѓа од Северна Македонија и следи мало момче кое патува само како последица на пандемијата што го опустоши човештвото – пренесе престижниот Screen Daily непосредно по доделувањето на наградите.
Одржан од 3 до 6 октомври во Odeon Great Northern, главната селекција на годинешниот фестивал вклучуваше 21 долгометражен филм од сите делови на светот, во најголем дел светски или британски премиерни прикажувања. Со извонредна постава на хорор, научно-фантастични и фантастични филмови, фестивалот кулминираше со долгоочекуваното објавување на победниците на наградата Grimm Reaper, наградувајќи ги најдобрите во различни категории.