Филмот претставува мост помеѓу двете култури, се согласија директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски и неговиот гостин, заменик-министерот за култура и туризам на Турција, Ахмед Мисбах Демирџан, на средбата што се одржа вчера. Во насока на продлабочување на соработката во полето на филмската дејност беше разговарано за создавање филмски фестивал кој би се одржувал во Турција чија цел е на турските љубители на филмот да им го претстави филмското творештво од земјите на Балканот.

Прикажувањето на македонски филмски дела на еден ваков фестивал ќе даде значаен импулс и ќе отвори нови можности за продлабочување на соработката помеѓу двете земји преку промоција на културите и размена на автори и искуства.

Присутната делегација од Турција изрази особен интерес и за опусот на браќата Милтон и Манаки Јанаки кои со своето творештво се дел од повеќе истории и култури, вклучително и на турската култура и историја бидејќи својата младост ја поминале за време на Отоманската империја кога и почнале да се занимаваат со фотографија. Дел од снимките кои се дел од нивното творештво опфаќаат настани поврзани со Младотурската револуција, а го снимиле и доаѓањето на турскиот султан Решад во Битола.

Двете страни истакнаа дека треба да се работи и на копродукциски филмски проекти.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.