Филмаџии од осум земји ќе работат на црната комедија „Кајмак“ – седмиот филм на Манчевски

Екипа од Македонија, Данска, Холандија, Хрватска, Бугарија, Англија, Италија и Србија ќе започне со работа на новиот филм на Милчо Манчевски, „Кајмак“. Црната комедија или среќна трагедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот, вака Манчевски го најави својот седми филм кој ќе се снима целосно во Скопје.

-„Кајмак“ е безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината. Се радувам како летен ден, затоа што после сета напорна работа сега почнуваме да правиме убава уметност, ама уште повеќе затоа што работиме со талентирани професионалци, кои се и добри луѓе. Животот е прекраток за да работиш со лоши луѓе“ – вели Манчевски, кој и овојпат е и сценарист.

Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Филмот е европска копродукција, поддржан од македонската Агенција за филм, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија. Македонската Радио Телевизија е копродуцент.

Екипата е особено горда што во оваа најтешка пандемиска година во светот, токму овој филм доби поддршка и од европскиот фонд „Еуримаж“, што е несомнено огромна потврда за вредноста на проектот.

Македонија учествува со 48 проценти од буџетот, додека 52 проценти од средствата доаѓаат од странство.

На прашањето како во период на пандемија, проектот „Кајмак“ успеа да мобилизира голема европска екипа за филмот, македонскиот продуцент на филмот Јане Ќортошев рече:

„Се е можно кога работиш на убав проект и со пријатели. А „Кајмак“ има навистина многу пријатели – низ цела Европа, а и дома. Собрани заедно зад убав проект, ништо не може да не сопре“.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за „Оскар“ „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „It’s All About Love“ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската „Скала Продакшнс“.

Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“.

Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директор Милка Анчевска, а костимограф Жаклина Крстевска.

Манчевски реши да го задржи оригиналниот збор, па англискиот наслов е „Kaymak“. Партнерите на филмот го доживуваат како интересен, нов збор што го научиле, како мистерија во насловот, слично на „Е.Т.“ или „Кагемуша“, на пример.

Главни партнери на филмот се Алкалоид, НЛБ Банка и Виза, и партнерите на филмот Окта, Тиквеш, Витаминка и Лимак.

Фото: Дарио Секуловски

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

Сподели