Филип Најдовски од Скопје е единствениот ученик од Македонија што ќе учествува на програма за млади на „Јеил“

Надвор од училишните обврски, активно се ангажирам на неколку различни полиња. Ко-основач сум на Webiray, агенција за развој на софтверски решенија, каде веќе две години посветено работиме со цел да помогнеме со дигитализација и интеграција на вештачката интелигенција во различни области – вели средношколецот од САБА од Скопје

Филип Најдовски од Скопје, ученик во трета година во Приватната гимназија САБА ќе биде единствен претставник од Македонија, што година ќе учествува на летната програма за млади на престижниот Универзитет „Јеил“ во САД. Тој е меѓу малкумината од цел свет што добија целосна стипендија за учество во оваа престижна академска програма. Yale Young Global Scholars e програма која преку семинари и интерактивни работилници, им нуди на учесниците да се вклучат во длабоки дискусии и да истражуваат теми од различни интердисциплинарни области како што се науката и технологијата, литературата и филозофијата, глобалните предизвици и правото, економијата и политиката. Програмата им овозможува на младите лидери да ги развијат своите академски и лидерски вештини, истовремено градејќи глобална мрежа на врсници. Поразговаравме со Филип, кој е сестрана млада личност, чии интереси не завршуваат само со предметите што ги изучува во средното образование – насока информатика.

-За програмата Yale Young Global Scholars дознав минатата година и веднаш ми го привлече вниманието, пред сè, заради нејзината извонредна репутација и уникатните можности што ги нуди. Започнав подетаљно да истражувам и на тој начин се запознав со сите можности што ги нуди програмата, вклучувајќи ги и академските програми, вмрежувањето и лидерските активности кои ги овозможува овој Универзитет. Сфатив дека оваа програма е совршена за мојот личен и академски развој и дека ќе аплицирам во наредниот циклус на апликации. Иако самата апликација беше доста комплексна и бараше многу време и посветеност, успеав да ја подготвам и поднесам до зададениот рок за рана одлука (30 септември до 1 ноември). Помина извесен период и на 19 декември добив писмо во кое ми беше понудено учество во програмата со целосна стипендија – објаснува Филип.

Како течат подготовките за оваа програма? Најдовски прво добил достапни ресурси и информации од самиот универзитет, вклучувајќи ги деталите за академските сесии, работилниците и активностите што ќе се одржуваат за време на програмата.

– Потоа продолжив да се запознавам подетално со препорачаната литература и материјали кои ќе бидат дел од наставната програма. И секако најинтересниот дел од овој процес е поврзувањето со други прифатени учесници преку платформите за комуникација кои ги нуди самата програма – вели Најдовски.

Интересот за компјутерските науки и бизнисот кај него се појавил уште од најмала возраст. Со програмирање започнал на 11 години, кога прв пат се заинтересирал за развој на веб-страници.

– По извесен период мојот интерес се прошири со што навлегов и во други делови од сферата на компјутерските науки, вклучувајќи роботика, компетитивно програмирање, софтверско инженерство, а од неодамна и вештачка интелигенција. Една од моите најголеми страсти е работењето во сферата на стартапите и претприемништвото. Секоја година учествувам на неколку хакатони каде што заедно со моите пријатели се стремиме да изнајдеме иновативни решенија за различни проблеми. Оваа година бевме победници на неколку хакатони на национално и интернационално ниво со нашиот стартап Возикај, кој ќе биде првата ride-sharing платформа во Македонија, нудејќи алтернативен начин на превоз за разлика од традиционалниот. Проектот е сè уште во процес на развој, но во наредниот период ја очекуваме и првата MVP фаза – објаснува тој.

Според Филип младите треба да и’ помагаат на својата заедница. За време на ковид-пандемијата, заедно со неколкумина средношколци го започнаа проектот ОДАС, чија цел беше да им помогне на средношколците бесплатно да учат од дома преку дигитална веб-платформа на која беа прикачени видеа и содржини по предметите кои ги изучуваат средношколците од прва до четврта година. Како еден од основачите, Филип бил одговорен за развој и одржување на платформата како и управување со дел од тимовите во организацијата.

– Надвор од училишните обврски, активно се ангажирам на неколку различни полиња. Ко-основач сум на Webiray, агенција за развој на софтверски решенија, каде веќе две години посветено работиме со цел да помогнеме со дигитализација и интеграција на вештачката интелигенција во различни области. Дополнително, како активист за правата на средношколците, веќе три години сум дел од Сојузот на средношколци, каде имав можност да учествувам во процесот на донесување на нови закони, реформи во образовниот процес, меѓународни соработки, организација на настани и да бидам дел од националната развојна стратегија (НРС) – вели тој.
Филип веќе е одлучен своето образование да го продолжи на накој европски или светски универзитет.

– Сметам дека студирањето во странство нуди неверојатно искуство за развојот на еден млад човек и неговите способности. А она што навистина ме привликува кај студиите надвор од државата се сите оние можности кои ги нудат овие универзитети, вклучувајќи ги праксата во дел од најуспешните компании во светот, можноста за вмрежување, стекнување на нови вредности и запознавањето со различни култури – вели Филип.

Сподели