Оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи својот традиционален концерт на отворено, овојпат посветен на генијалниот Чарли Чаплин, вечерва во 21 часот во Градскиот парк во Скопје. Оркестарот ќе ја свири музиката од филмот „Детето“ снимен во 1921 година, а паралено ќе оди и проекција на истоимениот филм. Диригент ќе биде Џијан Емин.

Со својата неверојатната умешност преку превезот на комичното да детектира и презентира различни човечки состојби и емоции, Чарли Чаплин целосно ја трансформираше светската кинематографија. Посебно во жанрот на комедијата на која ‘и даде сосема нова естетска и социјална димензија.

Неговите комедии се сплет од комедија и длабоки емоции и се фокусираат на важни аспекти од секојдневниот живот. Со други зборови, можеби неговите филмови се смешни бидејќи носи големи чевли и тесно палто, но зад ликот на Скитникот и неговите авантури се крие трагичноста на социјалниот живот на времето во кое биле создадени.

Со таа трагичност, скриена зад превезот на комичното, публиката можела целосно да се идентификува за време на исклучително тешкиот период на Големата депресија во САД. Таков е и неговиот филм „Детето”. Спој на трагично и комично, на длабоки емоции вешто проткаени во наративот на приказната.

Традиционалниот концерт на отворено се реализира со поддршка на Министерството за култура и поддршка на Град Скопје.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.