Во Македонскиот народен театар во Скопје од денеска до четврток ќе се одржи Фестивалот за класичен балет и модерен танц што го организира Детскиот културен центар „Карпош“. Наградата за животно дело постхумно ќе му биде доделена на Ѓорѓи Македонски, основоположникот на балетската уметност во Македонија и во негова чест е основана награда која го носи неговото име. Наградата годинава ќе ù биде доделена на Рисима Рисимкин за авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво.
– Овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и современиот танц – вели Билјана Лалчевска-Серафимовска, директорка на Детскиот културен центар.
Ќе се одржат две фестивалски вечери и две работилници посветени на класичниот балет и модерниот танц. Гости на двете фестивалски вечери ќе бидат балерините при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје, гости од Турција (Istanbul Junior Ballet) и Канада, Катедрата за современ танц и балетска педагогијa при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, балетското студио „Балерина“, солисти од Националната опера и балет и членовите на балетската секција од Детскиот културен центар „Карпош“.





