Овој фестивал во иднина да биде важен, а не да биде голем, вели режисерката Теа Беговска, креаторка на фестивалот „Театарски европски алтернативи Sturm und drang“ чие прво издание заврши минатата недела. Фестивалот ги соопши наградите.

Публиката со онлајн-гласање во програмата „Нов бран“ ја додели наградата за најдобар нов бран артист на Дарко Лешоски за песната „Марлон Брандо“ посветена на Арбен Бајрактарај.
– Прв пат се пријавувам на конкурс. Има три причини: затоа што беше анонимен, селекторот е Никола Маџиров кој длабоко го почитувам и името Sturm und drang кое мене многу ми значи – изјави Лешоски.

Емир Хаџихафизбеговиќ ја додели наградата за најдобра студенстка претстава на Одделот за уметност – Универзитет во Краиов, Романија за претставата „Галеб“. Победниците со видео порака укажаа на важноста на овој фестивал и постоењето на независната сцена.
– Неретко ми се случува да гледам многу лоши претстави кои се обидуваат класичното да го осовременат, но оваа претстава успешно ја извршува својата домашна задача во тој дел, особено во актерскиот дел кој за мене, како актер, е фокус на кој занатски се концентрирам – рече Хаџихафизбеговиќ.

Жирито во состав Лилиа Абаџиева (режисер), Сашо Димоски (драматург и автор), Бењамин Барамович (актер) едногласно одлучија за наградите. Наградата за најдобар актер ја доби Пјер Муние за претставата „Искршено на делови“ на театарот Ла Бел Мениер од Франција. Тој во видео порака рече дека е пресреќен и дека му е многу жал што не е во Скопје. Во образложението жирито вели дека актерската игра на Пјер Муние е испишана со филигранска прецизност што почива на органична и природна, ненасилена, спонтана актерска игра, на рафинман во презентацијата на актерските задачи и состојби на ликот, зачинета со неверојатна харизма што ја комплетира ограниченоста на актерската креација.

За најдобар режисер наградата ја доби Драган Живадинов за претставата „Одило. Помрачување. Ораторија“ во продукција на Словенечки младински театар и Кино Шишка. Живадинов во телефонски разговор срдечно се заблагодари и рече дека е пресреќен што токму кај нас неговата уметност е испочитувана на ваков начин. Жирито образложи дека режисерскиот ракопис на Живадиов во оваа претстава резултира со расветлување на злото со цел негово поништување, предупредување за воскреснувачкото (според тоа – божествено) својство што го поседува; злото има своја теологија: има свои богови, има свои верници.

„Одило. Помрачување. Ораторија“ ја доби и наградата за најдобра претстава. Словенечкиот младински театар ја изрази својата благодарност и се почестени.
– Компактноста на претставата, супериорно изразена во единството остварено меѓу режисерската постапка, драматургијата, актерската игра (со нагласок на хорските партитури во претставата) и аудиовизуелната семантика, е изградена во асоцијативен, длабоко промислен и хомоген сценски систем чија цел е одново да го издигне злото за повторно (и повторно и повторно!) да го поништи, да го оневозможи неговиот подем во нашето просторвреме, во нашиот облик – образложи жирито.

Првото издание на фестивалот заврши со претставување на 70 уметници од 11 држави. Театри, универзитети, студенти, професори, уметници од различни области беа дел од онлјан изданието на интренационалниот фестивал, во чии рамки беа одржани бесплатни работилници за актери и режисери. Фестивалот доби поддршка од значајни и докажани имиња на театарската и уметничката сцена ширум Европа. Фесивалот го посети 52 илјадна публика на социјални мрежи, интернет портали.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.