Фестивалот Охридско лето ја доби престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Турција. Наградата е признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на фестивалот.
– Ова е резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа – вели директорот на Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски.
Тој додава дека наградите се мотив уште повеќе да се вложува во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да им се даде простор на најдобрите домашни уметници.
– Секое издание на Охридско лето треба да понуди внимателно конципирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги добиваме од меѓународните институции со цел да ја оправдаме довербата на публиката и меѓународната културна јавност – вели Цуцковски.
Фестивалот Охридско лето традиционално се одржува со поддршка од Министерството за култура и туризам, а 65. издание беше партнерски поддржано и од A1 Македонија како дел од определбата за долгорочна поддршка на културата и на заедницата и вложување во уметноста и културата.





