Фестивалот на јапонска култура утре цел ден во Младинскиот културен центар во Скопје

Фестивалот за јапонска култура „Сакура фестивал“ ќе се одржи утре во текот на целиот ден во Младинскиот културен центар. Фестивалот е заедничка прослава на културата инспирирана од Јапонија и по повод 30-годишнината на македонско-јапонските дипломатски односи, ќе биде официјално отворен утре во 11 часот во МКЦ, а ќе се обратат амбасадорот на Јапонија, Оцука Казука. На концертот амбасадорот Казука ќе одржи и мал концерт на класична гитара. Слоганот на ова издание на фестивалот „Расцути ја иднината“ – поврзано и со самото име на фестивалот Сакура (црешов цвет) -повикува кон градење на поодржлива иднина за сите, за која треба да почнеме да работиме уште веднаш. Мотото потекнува од јапонскиот израз „мотаиниа“ кој значи: „немој да го трошиш она што е вредно“.

Фестивалот има богата програма која вклучува случувања од сите аспекти на културата, поп-културата и субкултурните текови.

– Листата е долга и исполнета со звучни имиња. Имаме три концерти од млади музичари, еден пијано концерт, лајв сет со амбиентална музика, балет инсириран од јапонски буто танц, три панел дискусии (за јапонска култура и природа, архитектура и филм), претставување на 5 јапонски боречки вештини, две работилници, презентации и церемонија на чај, цртање во живо, две групни изложби, 4 натпревари во гејминг, 4 модни дизајнери, два ресторани со јапонска храна и над 15 излагачи на базар за изработки, аниме квиз, косплеј презентација, и мануелно принтање во живо – велат од организацијата japan.net.mk.

Овој фестивал е создаден со вклучување на заедницата и голем број млади луѓе, заедничко помагање и соработка на поединци, кои ја сакаат јапонската култура и имаат заедничка цел да ја унапредат нашата.

– Сите што ја сакаат оваа древна, но модерна култура, ја ценат општествената одговорност, се борат за повозвишена општа култура и сакаат иднина во склад со природата да го посетат утрешниот фестивал и да ја прослават убавината заедно – велат организаторите.

Сподели