Второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ ќе се одржи од 27 до 30 септември на неколку локации во Скопје. Театарот за деца и младинци кој е организатор на фестивалот, најавува одлични претстави од Шпанија, Словенија, Хрватска, Србија и од Македонија. Тие ќе се натпреваруваат за гран при на фестивалот.
Идејното решение на визуелниот идентитет на фестивалот е на Бранкица Јорданоска.
На првото издание на фестивалот, гран при за најдобра претстава освои „Тивкото момче“ во изведба на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија. Жирито ја оцени како „комплетен уметнички чин што храбро отвора чувствителни теми, користејќи внимателно избран театарски јазик, лесно препознатлив и прифатлив од публиката“.