Под слоганот „Сè што му беше љубов во едно“ во Галичник утре ќе се одржи првото издание на фестивалот „ГалИцко“, во чест на Ристо Меловски – диџеј Ицко, но и во спомен на сите што ја изгубија битката со ковид-19. Меловски повеќе од 25 години беше диџеј, новинар и водител во радиото „Антена 5“, но и активен планинар, страстен мотоциклист, маратонец и голем вљубеник во Галичник.

– Настанот ги обединува омилените активности на Ицко. Планинарењето со организирање на планинарска тура со искачување на врвот Меденица, мотоциклизам со мото дефиле на неговите пријатели и музиката со настап на диџеј од 17 часот до полноќ во неговиот сакан Галичник – велат организаторите, Здружението за организација и одржување настани од културно-забавен карактер „ГалИцко“.

Планинарската тура почнува наутро во 8.30 часот од месноста Фрчец, на 4 км. пред Галичник. Се освојува врвот Меденица (2163 мнв) и турата завршува во Галичник. Турата ќе ја водат лиценцирани планинари. Според описот е средно лесна, долга е 10 км, а предвидено е да трае 5 часа.
Мото-дефилето ќе почне во 13 часот од Скопје до Галичник. Сите што сакаат да преноќат и да уживаат на вечерната забава, во Галичник обезбедено е камп место за поставување шатори. Главниот настан е фестивалот со настап на пријателите и колеги на Ицко, диџеите Tone Deep, Lephonq, Martin, Galoski, Nikifor. Ќе почне во 17 часот на платото пред црквата „Св. Петар и Павле“ во центарот на Галичник, а ќе трае до полноќ.

Повеќе информации на Фејсбук и Инстаграм.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.