Битола ќе биде домаќин на музички спектакл кој ветува незаборавни моменти на 16. издание на Фестивалот на музика од светот. Од 28 ноември до 1 декември, Центарот за култура во Битола ќе пулсира во ритамот на различните музички култури и традиции. Програмата вчера ка претстави директорката на Центарот, Маја Андоновска-Илијевски која ја истакна вредноста фестивалот како место каде што се спојуваат култури и се слави музичката различност.
– Фестивалот не е само настан, туку сцена за споделување универзални емоции преку звукот. Годинашната програма нуди патување низ различни жанрови, кои ја одразуваат убавината на музичката разновидност – истакна Андоновска-Илијевски.
Програма која инспирира
Фестивалот почнува на 28 ноември со поетско-музичкиот перформанс „Волкот на љубовта“. Македонските уметници Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски ќе интерпретираат љубовни стихови од современата македонска литература.
На 29 ноември, Камерниот оркестар ќе настапи со „Етно симфонија“ уникатен спој на етно-елементи и симфониска музика. Вокалистката Сузана Спасовска, кларинетистот Благојче Трајковски и актерот Петар Горко ќе внесат магија на сцената.

На најочекуваната вечер, 30 ноември, ќе настапи Маноло Гименез, легендарниот глас на „Џипси кингс“, кој со својот бенд ќе ги изведе глобалните хитови како „Bamboleo“ и „Volare,“ како и свои авторски песни.
Фестивалот завршува на 1 декември со „Балкан мјузик проџект“ – соработка на Дувачкиот квинтет „Македонија“ и Дувачкиот квинтет на Белградската филхармонија, кои ќе ги презентираат богатствата на балканската музичка традиција.
Битола – епицентар на културата
Андоновска-Илијевски го нагласи значењето на фестивалот како симбол на културна размена и хармонија. Таа додаде дека битолскиот Центар за култура ќе продолжи да биде дом на богати културни активности до крајот на годината, вклучувајќи книжевни промоции, филмски настани, балетски изведби и изложби. Билети за овој Фестивалот на музика од светот ќе бидат достапни од следната недела во Центарот за култура.






