Фестивал посветен на мјузикли за деца и млади ќе се одржи утре и задутре во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје. Фестивалот го организира Детскиот културен центар „Карпош“. Изведбите почнуваат во 19 часот.
Фестивалот почнува утревечер со „Приказната за генијалната Матилда“, изведена на македонски јазик од талентираните членови на Студиото за детски и младински мјзикли „Бродвеј јуниор“ од Скопје. Фановите на Матилда нема да сакаат да ја пропуштат оваа шанса да пеат заедно со „Чудо“ (Miracle), „Кога ќе пораснам“ (When I Grow Up), Деца на револтот“ (Revolting Children) и други познати песни од оваа топла приказна за извонредно девојче со неверојатни моќи.
Возбудата продолжува на 5 јуни со спектакуларната изведба на „Кралот Лав“ од многу талентираните ученици од Интернационалното училиште QSI во Скопје. Ова шоу, изведено на англиски јазик, ви ветува дека ќе ја оживее африканската савана со незаборавните песни како Circle of Life, Hakuna Matata, Can You Feel the Love Tonight и други.
– Ова е уникатна можност да се видат на сцена омилените филмови, каде раскошните мелодии се збогатени со раскошни костими. Мјузиклот, кој е сплет на сите уметности во едно, е реткост да се види на нашата сцена, особено кога децата настапуваат за деца. Веруваме дека овој фестивал ќе расте од година во година и ќе прерасне во меѓународен настан – вели директорката на ДКЦ Карпош, Билјана Лалчевска-Серафимовска.
Фестивалот е во соработка со Здружението за инклузивно и неформално образование КРЕО – АКСИС, со поддршка од Град Скопје.





