Последниве години ФЕИТ интензивно е ориентиран да им понуди на студентите солидна база во електротехниката и информациските технологии, но и да ги стимулира да работат на практични проблеми уште во текот на студиите, вели деканот, проф. д-р Димитар Ташковски
Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) години наназад е најдобриот инженерски факултет во државата, со најголема меѓународна препознатливост во науката и истражувањата. Во тек е процесот на акредитација од Агенцијата за акредитација по инженерство, компјутерски науки, природни науки и математика (ASIIN) од Германија. Со тоа ФЕИТ ќе се добие и формална меѓународна препознатливост на студиските програми од страна на најпрестижната европска акредитациска агенција за инженерски студиски програми, вели проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ. Во интервјуто за Умно.мк, Ташковски објаснува што значи ова за факултетот, какви нови можности ќе добијат студентите и наставниот кадар, како ФЕИТ се подготвува за новата академска година.
Во тек е процесот за меѓународна акредитација на студиските програми на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Објаснете ни повеќе за што се работи?
– Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ во Скопје континуирано работи во согласност со бројни меѓународни критериуми во делот на образованието, науката, истражувањата и соработката со стопанството. Овие високи критериуми си ги поставивме самите и се обврзуваме да ги почитуваме веќе подолг период. Процесот на акредитација од Агенцијата за акредитација по инженерство, компјутерски науки, природни науки и математика (ASIIN) од Германија е наша заложба формално да го потврдиме високото реноме и углед кои ФЕИТ ги поседува и во домашната и во меѓународната наука и образование.

Практично, со акредитацијата од ASIIN ќе се добие и формална меѓународна препознатливост на нашите студиски програми од страна на најпрестижната европска акредитациска агенција за инженерски студиски програми. Тимот на ASIIN детално ја оценува работата на едно високообразовна институција во поглед на содржината на студиски програми, начинот и правилата за студирање, достапноста на кадарот и опремата, практичното знаење, меѓународната видливост за студентска размена, системот за управување со квалитет, транспарентноста во работата, еднаквите можности за сите, вработливоста на дипломираните студенти и соработката со општеството. ФЕИТ години наназад е најдобриот инженерски факултет во државата, со најголема меѓународна препознатливост во науката и истражувањата, така што со ASIIN сакаме да добиеме уште една потврда за начинот на кој работиме и квалитетот кој им го нудиме на идните инженери. Секако, сакаме да бидеме и првиот инженерски факултет во државата кој се здобил со меѓународната акредитација од ASIIN.
Што ќе значи меѓународната акредитација за ФЕИТ?
– Меѓународната акредитација според ASIIN на нашите студиски програми ќе значи меѓународна препознатливост на сите аспекти од содржините и начинот на студирање кои претходно ги споменав. Со тоа ФЕИТ ќе влезе во семејството на инженерски факултети препознаени од една од водечките светски агенции за акредитација за студиски програми од областа на инженерството. Особено што ФЕИТ е првиот факултет од С. Македонија кој побара да биде акредитиран од ASIIN верувајќи во своите способности и можности кои им ги пружа на студентите. Конечно, меѓународната акредитација ќе овозможи и поинтензивен развој на ФЕИТ, отворање кон интернационални студенти и зголемување на ангажманот во меѓународни проекти.
Што ќе добијат со меѓународната акредитација студентите од сите три циклуси на студии?
– ASIIN акредитацијата на ФЕИТ ќе значи формална меѓународна препознатливост на нашите студиски програми и на ФЕИТ во целина. Практично, ASIIN акредитацијата ќе го потврди квалитетот на образованието кое го добиваат нашите студенти и ќе го постави рамо до рамо со сите светски инженерски факултети. За нашите дипломирани колеги тоа ќе значи и многу полесно интегрирање на меѓународниот пазар на труд. Дополнително, акредитацијата ќе значи и потврда на високиот степен на квалитет во сите дејности на работење на факултетот односно образование, наука, истражувања, соработка со стопанство.

Како ќе се одрази на наставно-научниот кадар, на размената, на меѓународната соработка со електро-техничките факултети од другите земји?
– ФЕИТ и досега има одлична соработка и размена на наставно-научен кадар и на студенти со факултетски институции од други земји. Ние сме факултет со најголем број меѓународни проекти во државата и континуирано во последните 7-8 години имаме барем по 10 нови меѓународни проекти со солиден буџет за развој на кадарот и набавка на опрема. ASIIN акредитацијата само ќе го потврди квалитетот на нашите студии и начинот на кој работиме. Очекуваме таа потврда да го зголеми потенцијалот за соработка со други факултети и за размена на студенти.
ИНОФЕИТ, 10 институти, 18 лаборатории, Центар за доживотно учење… Самата структура на факултетот е ориентиран да создава профилирани кадри уште за време на студиите. Што им нуди ФЕИТ на идните студенти?
– Последниве години ФЕИТ интензивно е ориентиран да им понуди на студентите солидна база во електротехниката и информациските технологии, но и да ги стимулира да работат на практични проблеми уште во текот на студиите. Ние сме еден од ретките факултети кои го промовираат концептот на т.н. Problem-Based Learning (PBL) уште на додипломско ниво. Студентите работат на иновативни проекти во разни предмети и студентски натпревари, а ФЕИТ се труди да ги поддржи во секаква смисла (од набавка на материјали до менторирање и поддршка за развој на своите идеи кон реален бизнис). Нашата заложба е да го имаме најдобриот производ, инженер, подготвен да продолжи со академска наобразба или работа во индустријата. Идните студенти може да се сигурни дека на ФЕИТ добиваат најквалитетно високо образование од најдобриот инженерски факултет во државата, можност за соработка и вработување во голем број компании со кои ФЕИТ има одлична соработка, можност за учество во разни меѓународни проекти, истражувања и развивање на сопствените идеи.

Проф. д-р Димитар Ташковски
За разлика од многу факултети кои имаат проблем со кадар, ФЕИТ ја задржа практиката постојано да вложува во нови кадри – редовни, вонредни професори, доценти, асистенти… Како успеавте во тоа низ годиниве?
– ФЕИТ силно верува дека моќта е во луѓето. Најопремена лабораторија без соодветен кадар не вреди ништо. Ние постојано вложуваме во нашиот кадар и особено во младите како главни носители на научно-истражувачкиот процес. Едноставно се трудиме да им створиме услови за работа какви што би имале било каде во светот. Младите сакаат да работат на иновативни идеи и особено сме горди што подмладокот на ФЕИТ работи истражувања во најпропулзивните области денес како што се енергетската ефикасност, вештачката интелигенција, машинското учење, 5G, IoT итн. Но, и поискусните професори добиваат постојана поддршка за подготовка на проекти и соработка со меѓународни институции, настап на меѓународни конференции, објавување трудови во списанија и слично. ФЕИТ е втор (а честопати и прв) дом на нашите вработени и секогаш можат да сметаат на нашата поддршка.
Деновиве замав зема четвртиот бран на ковид-19. Како ќе се спроведува 2021/22 академска година на ФЕИТ?
– Ние сме дел од УКИМ и секако, ќе ги почитуваме препораките на ректоратот. Подготвени сме за сите начини на реализација на наставата, иако наша специфичност е и тоа што дел од предавањата мора да бидат изведувани во лабораториски услови. Работиме согласно препораките и на Владата за заштита од пандемијата кпвид-19 и сме задоволни од тоа што имаме капацитет да ги исполниме сите барања за успешна реализација на процесите на ФЕИТ. Нам, секако, најмногу ни одговара физичка настава, со присуство на студентите, но подготвени сме и за целосна онлајн настава или за комбиниран, хибриден пристап.




