Претставата „Фамилија Адамс” во Албански театар за деца и млади ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот. Режијата е на Теа Беговска, а играат: Валдета Исмаили, Мелика, Кастрати, Мумин Абдулахи, Деа Пајазити, Фљакрон Алиу, Елдин Широки, Гезим Жерка, Блерим Дартишта.
– „Фамилија Адамс“ е приказна со која сите сме растеле и за поголемиот дел од публиката е веќе позната. Карактерите се препознатливи, многу атрактивни и предизвикувачки за креирање, како за актерите така и за мене како режисер. Оваа идеја за „Фамилија Адамс“ ја имам повеќе од 8 години и среќна сум што Албанскиот театар за деца и млади му даде шанса на овој проект да се реализира токму со ваква прекрасна екипа на актери. Мислам дека имаме подела за карактерите која е полн погодок кај нас. Ова е прва постановка кај нас на „Фамилија Адамс“. Претставата е намената за млади и тинејџери, но, ова е претстава и за возрасните, за родителите и сите семејства. Претстава во која како тема се проткајува љубовта и разбирањето за тоа дека таа е најсилна од се’. Прифаќање на нештата онакви какви што се. Разбирање за тоа дека убавината е во различноста, среќата е во различноста. Среќата како начин и избор, а не нешто наметнато и научено според правила.Вредностите на општеството се учат и применуваат само преку различностите, а не преку строги,одредени и единствени правила. Вредностите на едно семејство не се тоа што го пишува воучебниците, вредностите на семејството не се однапред измислена и научена дефиниција на памет – семејството е искреност, верба, љубов, прифаќање – целосна хармонија – вели Беговска, која се погрижи и за адаптацијата на текстот.
Сценографијата е на Дардан Амети и Теа Беговска, костимографијата – на Андреј Папаз Ѓоргиевски, а музиката – на Енес Беговски.