Европски филмови во Крива Паланка, Струмица и во Струга

Дванаесет филмови од денеска до 10 јули ќе бидат прикажувани во Крива Паланка, Струмица и во Струга во рамките на иницијативата Европско патувачко кино под отворено небо што ја организираат Младинскиот културен центар во Скопје и делегацијата на Европската Унија во Македонија. Проекциите се еден вид загревање пред 20. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Половина од филмовите се европски, продуцирани во последните години и ја одразуваат европската креативност и разноликост. Денеска и утре ќе има проекции во Крива Паланка, на градскиот плоштад пред општинската зграда. Во Струмица ќе се одржат во градскиот парк и Домот на Армијата на 3 и 4 јули, а во Струга – на 9 и 10 јули во Центарот на култура, летна сцена.

Сите проекции почнуваат во 21 часот, освен завршната вечер во Струга, која ќе почне половина час порано, поради разговорите на филмскиот критичар Влатко Галевски и неговите гости.
Според амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ, киното има огромен потенцијал да ги пренесува приказните на Европа и нејзините вредности, како што се еднаквоста, слободата на изразување, демократијата, животната средина и социјалниот момент на ЕУ.
– Годинашната селекција на филмови ја рефлектира европската креативност и разновидност и ќе има филм за сечиј вкус – рече Гир.

Годинешната селекција на играни филмови ги вклучува: „Хакер“ (Данска), „Патешествието на Принцот“ (Франција), „Брат ми брка диносауруси (Италија), „Рока го спасува светот“ (Германија), „Слава“ (Бугарија) и „Кожурец“ (Германија). Влезот на проекциите е бесплатен.

Сподели