Европски денови на еврејската култура во Скопје

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија вечерва во 19.30 часот ќе се одржат „Европски денови на еврејската култура 2023 – Денови на отворени врати“. Публиката ќе ја проследи музичко драмската изведба на книгата „Стенограми“, од Мориц Романо и изложбата „Верските обичаи и културната традиција на македонските Евреи – раскажувања низ предмети и фотографии“.

Драматизација и режија на „Стенограми“ е на Снежана Конеска-Руси, која ќе настапи и како актерка, заедно со Петар Горко. Ќе ги придруѓуваат Андреј Наунов н пијано, баритонот Ернес Ибраимовски, тенорот Игор Гиевски, сопранот Гонца Богоромова-Краповски и алтите Тереза Талеска-Лазовска и Елвира Шорко.

Изложбата „Верските обичаи и културната традиција на македонските Евреи – раскажувања низ предмети и фотографии“ опфаќа предмети поврзани со еврејската религија, а со тоа и со културата која произлегла од неа. Претставени се 16 предмети преку кои се следи религискиот живот и празниците поврзани со него, начинот на празнување и културата што ја донеле Евреите со себе при нивното населување на овие простори. Изложбата е надополнета и со фотографии, прикажувајќи го семејниот живот, животот во заедницата и културните особености кои датираат од периодот на 20 и 21 век и ѝ даваат живот и динамичност на изложбата.

Автор на изложбата е Лилјана Лазаревска-Мешковска, а ќе биде птворена до 30 ноември.

Сподели