Европската престолнина на културата е голема привилегија, но и сериозна обврска – нè обврзува на професионалност и визија

Скопје располага со значаен, но во изминатите години недоволно искористен инфраструктурен потенцијал. Покрај клучните институционални објекти, нашата визија не се ограничува исклучиво на класичната културна инфраструктура. Пристапот што го градиме се темели на работа во јасно дефинирани програмски целини кои интегрираат креативност, културно наследство и современи уметнички практики, но истовремено остануваме отворени за предлози и иницијативи од граѓаните, уметниците и културните работници – вели Лазе Трипков, координатор на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“

Европска престолнина на културата е повеќеслоен и долгорочен процес, а не класичен фестивал или збир на изолирани настани. Програмата на Скопје 2028 мора да биде насочена кон истакнување на културната разновидност на Европа и заедничките европски вредности, преку партнерства и заедничко создавање. Наместо поделба на домашна и странска понуда, локалната културна сцена е позиционирана како рамноправен актер во европскиот културен дијалог, со јасна европска димензија во сите програмски сегменти – вели Лазе Трипков, координатор на програмата. Со Трипков поразговаравме за процесот на подготовките за реализација на оваа, за многу европски градови посакувана програма. Кои се најголемите предизвици со кои во моментов се справуваме, но и што не’ очекува.

Како течат подготовките за Скопје 2028? Колку доцниме, со оглед на застојот што го имавме по добивањето на титулата? Како го одблокиравте процесот?

– Најпрво, ви благодарам за интересот и можноста за ова интервју. Навистина ми е значајно што токму преку вашиот портал за првпат умно и одговорно зборуваме за процесот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ од моментот на преземањето на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Можам најодговорно да потврдам дека подготовките за Скопје 2028 денес се во стабилизирана фаза. Свесни сме дека по добивањето на титулата постоеше период на застој, но наместо да го негираме, одлучивме директно и зрело да се соочиме со него. Наш приоритет беше воспоставување јасна институционална рамка, деблокирање на административните процеси и најважно, постепено враќање на довербата.

Подготовките ги започнавме уште пред формалното преземање на мандатот, а силен импулс добивме преку поддршката на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, личната заложба на градоначалникот Ѓорѓиевски, како и поддршката од министерот за култура и туризам Зоран Љутков. На официјалната средба во Брисел, одржана на 22 ноември, со еврокомесарот Глен Микалеф и директорот на Директоратот за млади, спорт и култура, Хојслер, процесот доби јасна институционална потврда, титулата Скопје 2028 останува.

Лазе Трипков

Процесот не беше лесен, бараше рационализација на капацитетите, силна меѓусекторска координација и целосно активирање на градската администрација. Но, за релативно краток период, ги воспоставивме клучните предуслови: отворена е посебна трезорска сметка со средства од Буџетот на Град Скопје како гаранција за транспарентност и финансиска дисциплина, а на 29 јануари Советот на Град Скопје, со огромно мнозинство за, ја потврди одлуката за формирање на Фондацијата „Скопје 2028“. Дополнително, кредибилитетот на принципот „култура над поделба“ се претвори во функционален систем, со јасни цели, дефиниран e и објавен прв повик со прецизни критериуми, мерливи резултати, независно управување и силна европска димензија.

Од кои искуства најмногу се водите во креирањето на програмата? Колку титулата ЕПК е привилегија, а колку обврска?

– Клучно е да направиме разлика меѓу формално постоење на структури и нивната реална функционалност. Она што во изминатите години постоело, е, конзистентна визија за Скопје 2028, како проект на кохезија и европска афирмација, но, разликата секогаш била во управувањето и начинот на стигнување до целта. Иако Европската Унија во своите мониторинг извештаи јасно ги нотирала клучните слабости како: недостаток на континуитет, недоволна програмска конкретизација, нејасна финансиска конструкција и третирање на инфраструктурата како алиби, сепак ние одлучивме овие констатации да не ги гледаме како пораз, туку како јасна насока за корекција на процесот. И тоа го постигнавме, предходно го потенцирав во одговорот. Во тој контекст, и покрај тоа што, на 2 јануари 2025 година Град Скопје формирал стручно тело преку јавен повик објавен во октомври 2024 година, со мандат да работи на програмските и проектните активности поврзани со Скопје 2028, очекуваната програмска испорака не е реализирана во целост. Наместо да бегаме од овие факти или да ги релативизираме, свесно ги прифативме како појдовна точка за рестартирање на процесот, со јасна определба слабостите да се претворат во основа за поодговорен, појасен и поконзистентен пристап понатаму.

Затоа, новиот пристап, поддржан од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се темели на рестартирање на процесот, според проверени европски практики. Се водиме од искуствата на претходните Европски престолнини на културата, каде програмата не е збир на настани, туку долгорочна културна и општествена стратегија. Како? Уште веднаш по преземањето на мандатот, организиравме тридневни обуки со висок експерт од ЕУ, наменети за администрацијата, за јавните и националните културни институции и управувачките структури, кои беа клучен момент на усогласување – не само на визијата, туку и на методологијата на работа, носењето одлуки и имплементацијата.

На крајот, титулата Европска престолнина на културата е истовремено голема привилегија, но и сериозна обврска. Таа не нè ослободува од одговорност; напротив, нè обврзува на европско ниво на професионалност, транспарентност и долгорочна визија, во интерес на градот и неговите граѓани.

Што поточно значи оваа манифестација во однос на културна понуда и содржина? Какви се правилата, има ли некој сооднос колку треба да биде застапеноста на домашната и странската културна понуда?

– Европска престолнина на културата е повеќеслоен и долгорочен процес, а не класичен фестивал или збир на изолирани настани. Програмата на Скопје 2028 мора да биде насочена кон истакнување на културната разновидност на Европа и заедничките европски вредности, преку партнерства и заедничко создавање. Наместо поделба на домашна и странска понуда, локалната културна сцена е позиционирана како рамноправен актер во европскиот културен дијалог, со јасна европска димензија во сите програмски сегменти.

Активностите ќе се организираат во тематски програмски целини што одговараат на реалните општествени и урбани предизвици, со силен фокус на вклучување на граѓаните, иновации и пристапност. Врз основа на „bid book“-от и европските стандарди, Скопје 2028 се движи кон појасен и поконзистентен пристап, базиран на јавни повици со јасни критериуми и мерливи резултати, со цел градот да се позиционира како активен и одговорен учесник во современиот европски културен простор, со трајна вредност и по 2028 година.

Скопје 2028 е момент на пресврт, културен катализатор што ќе остави трајна трага и ќе продолжи да живее и по 2028 година. Тоа мора да се прифати како процес што го менува начинот на кој градот мисли, создава и живее културата. За Скопје 2028, тоа значи отворање кон Европа, но и продлабочување на сопствениот придонес – преку соработка, дијалог и заедничко создавање.

Замислете, Скопје е првиот град на солидарноста од 1963, а точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале градот да се изгради повторно. А, американската и советската армија па прв пат по 1945, прв пат се сретнаа во Скопје, во градот на Вардар, за да помогнат… Скопје, со своето богато и слоевито културно наследство, со различноста што не обликува, Скопје е повеќе од град, Скопје е престолнина. Престолнина на споделени приказни, на секојдневна култура и на човечка блискост што се чувствува, а не се објаснува. Тоа е нешто за кое вреди да се избориме.

Кој е тимот што ќе го реализира Скопје 2028? Дали истата постава ќе работи во наредните три години (до завршувањето на манифестацијата) или членството ќе се менува?

– Реализацијата на Скопје 2028 ќе се одвива преку комбинација од стабилно институционално јадро и флексибилни, проектно ориентирани тимови. Фондацијата „Скопје 2028“, ќе обезбедува институционален континуитет и стабилност, додека програмските и продукциските тимови ќе се надградуваат и адаптираат во согласност со различните фази и реалните потреби на процесот.

Oва е стандарден европски модел кој истовремено гарантира отвореност и стручност за вклучување на нови професионалци, експерти и свежи идеи. Сите понатамошни активности ќе се одвиваат во тесна координација со европските тела и партнерите, со јасна ориентација кон исполнување на преземените обврски и постигнување мерливи резултати. Она што досега го покажавме е дека проблемите се решливи кога постои јасна визија, конкретни решенија и одлучност за нивна реализација. Верувам во заложбите и лидерството на градоначалникот, и убеден сум дека процесот ќе продолжи со истото темпо и фокус.

Особено значаен момент во овој контекст ќе биде меѓународната конференција планирана за месец април, која ја гледаме како клучна точка за усогласување и дополнителен импулс. На неа ќе бидат поканети експерти и високи претставници од Европската Унија, пред кои јасно ќе ги презентираме постигнатите резултати, но и јавно и прецизно ќе ја демонстрираме нашата мотивација, капацитет и подготвеност за следната фаза. И покрај моите тековни истражувачки и уметнички ангажмани во странство, свесно и одлучно стојам зад иницијативата Скопје 2028, убеден дека знаењето и искуството стекнати во европски контекст можат да дадат конкретен придонес кон оваа визија. Моите докторски истражувања во
Чешка, поддржани со нивен државен грант, како и меѓународните изложбени ангажмани, не ги доживувам како оддалечување, туку како ресурс што треба да се врати и вгради во локалниот контекст. Ангажманот во Скопје 2028 за мене не е лична жртва, туку професионална одговорност и можност да се придонесе кон процес што ќе остави трајна културна и институционална вредност за градот и за идните генерации.

Неодамна излезе повик за проекти. Кој сè може да учествува?

– Ова е првиот од неколкуте повици кои ќе следат во оваа година и наредната. Осмислен е како отворена и инклузивна платформа за широк круг културни и креативни чинители, како поддршка за отпочнување на процесите. Право на учество имаат индивидуални уметници и културни професионалци, уметнички колективи, здруженија и организации од граѓанскиот сектор, како и јавни и приватни културни институции и образовни или истражувачки организации, доколку нивните проекти имаат јасна културна и програмска релевантност. Знаeте, ние мора да бидеме и самокритични и свесни дека и покрај тоа што сериозно доцниме, со сите процеси, сепак ова темпо на движење веќе нема да толерира изговори или одстапки од процесот, превземени се сите мерки да останеме посветени да поттикнуваме силна европска димензија и охрабрува европски партнерства и копродукции со апликанти од земјите членки на Европската Унија и поширокиот европски културен простор. Проектите ќе се оценуваат преку независна и стручна селекциска постапка, како грант-поддршка, врз основа на нивниот квалитет, европска релевантност, општествено влијание и капацитет за реализација, со цел создавање одржливи културни процеси што ќе имаат ефект и по 2028 година.

Каков инфраструктурен какапцитет има Скопје за реализација на програмата? Знаеме дека Министерството за култура брза за Универзална сала да биде готова до 2028. Кои други објекти и алтернативни простори ќе бидат вклучени во манифестацијата?

– Скопје располага со значаен, но во изминатите години недоволно искористен инфраструктурен потенцијал. Покрај клучните институционални објекти, нашата визија не се ограничува исклучиво на класичната културна инфраструктура.
Пристапот што го градиме се темели на работа во јасно дефинирани програмски целини кои интегрираат креативност, културно наследство и современи уметнички практики, но истовремено остануваме отворени за предлози и иницијативи од граѓаните, уметниците и културните работници. Токму преку оваа отвореност очекуваме да се идентификуваат нови и
значајни културни простори. Покрај институциите под надлежност на Град Скопје, силен фокус ќе има и на алтернативни, јавни и неконвенционални простори, урбани, индустриски и отворени локации, кои ќе бидат внимателно адаптирани и активирани за културни содржини. Инфраструктурата не ја третираме како привремено решение за 2028 година, туку како долгорочна инвестиција во културниот развој на градот.

Во тој контекст, Скопското Кале, Аквадуктот и Скупи имаат особено значајна улога. Нашата цел е нивно целосно, но одговорно отворање и ставање во активна културна функција, со целосно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство. Замислете какви сцени би добиле доколку за дополнителни културни активности.

Какви насоки има давате на културните институции од градов во однос на инфраструктурното подобрување, за да можат да ја реализираат програмата?

– Во изминатите години, ЕПК Скопје 2028 често беше перципиран како симболична визија за европска афирмација и општествена кохезија. Но паралелно со таа визија, европските мониторинг-механизми континуирано ја мереа зрелоста на процесот преку управувачки капацитети, докази за напредок и реална способност за испорака. Токму во таа рамка денес го поставуваме и пристапот кон инфраструктурата, не како ад-хок интервенција за 2028, туку како долгорочна инвестиција во функционалноста и одржливоста на културните институции.

Насоките што ги даваме на институциите се јасни: инфраструктурното подобрување мора да биде поврзано со програмска визија, со отвореност кон нови публики и со европски стандарди на продукција и управување. Во изминатиот период реализирав низа работни средби со директори и претставници на националните и градските културни установи, со фокус на тоа како секоја институција може проактивно да придонесе кон збогатување на програмата, преку подобрување на техничките услови, просторната флексибилност и капацитетот за меѓународни соработки.

Паралелно, активно се вмрежуваме со поранешни и актуелни Европски престолнини на културата, преку официјални посети, размена на искуства и конкретни програмски дијалози. Овие контакти ни помагаат да ги идентификуваме добрите практики, но и да избегнеме веќе познати слабости. Нашата порака е јасна: не се враќаме на минатото, туку гледаме напред, со цел Скопје 2028 да остави траен инфраструктурен и институционален ефект што ќе им служи на културните работници и на граѓаните и по завршувањето на титулата.

Што за вас ќе биде успех на крајот на 2028? Што ќе ја направи Скопје европска престолнина 2028 успешна?

– Најголемиот успех на Скопје како Европска престолнина на културата нема да биде само во бројот на настани или посетители, туку во заедничката трансформација што ќе ја направиме како град и како општество. Оваа титула е привилегија и чест, но и обврска што ја споделуваат општините, институциите, образовните институции, културниот сектор и граѓаните. Европска престолнина на културата не е проект што започнува и завршува во една година, таа е процес што носи долгорочни културолошки, општествени и институционални промени, промени во пристапот, навиките, одговорноста и односот.

Културата ја позиционираме како стратешка алатка за справување со комплексни предизвици, од социјална кохезија и одржлив развој, до институционално зајакнување и инклузивни политики. Пристапот што го градиме ги поврзува културата, урбаното планирање, управувањето и граѓанското учество, со јасна определба за премин од празна логика кон трајна урбана и општествена трансформација.

Вистинскиот успех ќе го измериме по 2028 година: ако Скопје има посилни институции, проактивна и меѓународно поврзана културна сцена и граѓани кои ја доживуваат културата не како привилегија на малкумина, туку како дел од секојдневниот живот и колективната одговорност за иднината на градот.

Сподели