Europe House има важен удел за да се чуе гласот на младите

Држава и народ кои ја негуваат својата култура и со чии дела истапуваат на европското поле на културен натпревар. Граѓани кои без страв учествуваат во политичкиот систем – во демократијата и нејзиното практикување, градење и одбрана. Млади кои секојдневно ги реобмислуват догмите и концептите кои ни се послужени. Таква е мојата Европска Македонија, вели магистрандот Никола Донев  

Europe House Skopje има особено важен удел во учеството на младите во консултативниот процес наречен Conference on the Future of Europe. Дел од амбициозните млади кон крајот на ноември добија шанса да кажат свое мислење на теми за кои досега официјално никогаш не биле прашани, за време на EU Balkan Youth Форумот што се одржа во Рим. Ева Цветковска, Никола Донев, Алберие Џемаили и Филип Етмишовски се дружеа со млади од цела Европа и не само што кажаа свое мислење, туку добија можност и да се произнесат со конкретни решенија на проблеми што нè мачат пред креаторите на политиките на европско ниво.

Ева Цветковска

– Светот во кој ние младите ќе живееме за 10 години е изграден токму на одлуките кои денес се донесуваат, а сите знаеме дека моментално одлуките ги носат возрасните политичари кои не обрнуваат доволно внимание на последиците на долг рок. Затоа ваквите форуми ни даваат шанса да бидеме во чевлите на креаторите на политики и одлуки, и нашите идеи и замисли за светот да ги поставиме како официјални барања. За мене можноста да одам во Рим на Форумот ја доживеав како одговорност да ги претставам младите и мојата држава во вистинско светло и активно да учествувам во дискусиите со потенцирање на нашата перспектива на работите која Европската Унија не смее да ја запостави – вели Ева Цветковска, магистрантка на Правниот факултет во Скопје во областа меѓународно право и претседателка на Универзитетско студентско собрание при УКИМ.

Ева Цветковска и Албрие Џемаили

За неа учеството на овој форум било прекрасно искуство благодарение на кое запознала паметни млади луѓе од цела Европа и заедно биле исправени пред задачата да изготват документ со решенија што ќе бидат презентирани на Конференцијата за иднината на Европа.

– Форумот броеше 5 работни групи кои обработуваа исто толку различни теми кои преставуваат заеднички проблем и предизвик. Јас бев во работната група „Еден континент, една животна средина“ во која дискутиравме за потребата од итна и заедничка акција против климатските промени. Токму овој проблем ја поставува пред нас безусловната потреба за обединување. Загадениот воздух и температурните промени не познаваат државни граници, па затоа ниту ЕУ може сама да се бори, ниту ние. Нашата обврска беше да составиме документ во кој предложуваме конкретни решенија кои ги инволвираат младите и она што можеме ние да го направиме за да помогнеме. Решенијата ги поделивме на две групи зависно кого го адресираме како одговорна страна за дејствување, односно решенија насочени кон државите и институциите на ЕУ, и решенија насочени кон граѓанскиот сектор. Бараме помош и притисок за целосно прекинување на производството на енергија од јаглен, бараме поддршка за создавање официјални мрежи и организации на млади од целиот континент преку кои ќе можеме да бидеме во постојана комуникација и да дејствуваме како надзор врз однесувањето и постапувањето на државите, бараме инвестиции во обновливите извори на енергија – објаснува таа.

Цветковска и Никола Донев

Се вратиле дома со чувството дека нивниот глас навистина е чуен и ќе одекне. Ева ја претставила нивната работа пред потпретседателката на Европска Комисија, Дубравка Шуица и пред министерот за надворешни работи на Италија, Луиџи Ди Мајо, и се запрашала: „Кога надлежните од институциите во нашата држава ќе нè повикаат на една ваква средба да ги слушнат нашите размисли и потреби?!“.

За Никола Донев, исто така е магистранд по меѓународно право, учеството во Рим било исчекор кон внесување нови наративи и нов поглед за местотот на Балканот во Европа и Европската Унија.

– Ние младите не сме истрошени од дневната реал-политика која бранува низ ходниците со интриги. Нам ни е оставен простор во кој може да гледаме подалеку – дури низ маглата – да создаваме виртуелности – можности кои не постојат пред нашиот обид да ги разбереме, кои не се само идеалистичко размислување, туку резултат на процесот на критичко резонирање и реобмислување на светот околу нас, притоа земајќи ги предвид архивите на минатото – вели Донев.

Форумот бил собир на млади интелектуалци кои имаат желба за подобра иднина. При самата апликација имале можност да избереме работна група во која би работеле на пишување документ за јавна политика (policy paper).

– Работната група во која членував беше насловена „Обединети во различноста, отаде војните на минатото“. Опфативме широк обем на теми – вклучително процесот на помирување, транзициска правда, конфликт на идентитет и други поврзани теми кои носат свој интелектуален и емотивен товар земајќи го предвид контекстот кои ние од Балканот го живееме – вели Донев.

На прашањето какво е чувството да се меѓу врсници од европски земји, Ева вели ентузијазмот и оптимизмот е она кое обединува и создава чуство на припадност, без оглед на националност и членство во Унијата.

– Обединети сме од идејата на заедништво и солидарност и тоа ни предизвикува чувство на надеж дека кога работите ќе дојдат во наши раце, ситуацијата ќе биде различна. Сега за сега, разликата е сепак евидентна, се чувствува и факт е дека за да си дозволиме да се чувствуваме целосно како да припаѓаме на европското граѓанство во потесна смисла на зборот, потребен ни е фактичка повратна реакција – вели таа и додава дека за неа европска Македонија би значела земја со демократски институции и процедури.

Специфичност на нашата генерација млади е отвореноста да влезат во конструктивен дијалог меѓу различни култури – да поставуваат отворено прашања за искуствата на младите во други земји, стереотипите, генерализациите и другите слични конструкции, а сето тоа да биде врамено во споделените вредности и разбирање на човековите права, објаснува Никола.

– Во најобичен разговор се заклучува дека младинските прашања и предизвици се слични, дури и исти, без разлика дали се високоразвиени земји или помалку развиени – предизвикот со соочување со климатските промени; борбата за младинска репрезентативност во политичкиот систем; барање за подобро високо образовение и секако сопствената иднина во која постојано го бараме нашето место под сонцето. Сето ова се темите на младите на Европа, тие се наши – споделени проблеми и токму овие форуми помагаат во изградба на мрежи кои ќе ги водат идните општества – вели тој.

Императив е ние да бидеме дел од ЕУ. Силна граѓанска држава способна да има интеркултурен дијалог помеѓу заедниците внатре врамени во заедничките европски вредности. Тоа е концептот што Никола го замислува.

– Држава и народ кои ја негуваат својата култура и со чии дела истапуваат на европското поле на културен натпревар. Граѓани кои без страв учествуваат во политичкиот систем – во демократијата и нејзиното практикување, градење и одбрана. Млади кои секојдневно ги реобмислуват догмите и концептите кои ни се послужени. Таква е мојата Европска Македонија – завршува тој.