„Еуримаж“ го поддржа новиот филм на Дина Дума – „Скејтбордингот не е за девојчиња“

Македонија е членка на „Еуримаж“ од 2003 година. Јубилејната година ја завршуваме со вкупно 775.000 евра доделени на „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски на 168. сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169. сесија и филмот на Дума.

Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ го поддржа филмскиот проект на режисерката Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“, со износ од 350.000 евра. Ова е копродукција меѓу македонскиот продуцент „Сестри и брат Митевски“, „Антр шиен e лу“ од Белгија и „Вертиго/Терминал 3“ од Словенија“.

Бројот на пријавени копродукциски проекти во секоја сесија сѐ повеќе се зголемува, па така и оваа сесија повторно ќе се памети со 111 пријавени проекти од кои 99 беа оценувани. Од нив, 29 добија поддршка, затоа е позначајно што меѓу нив е македонски проект, вели Тања Ќурчинска-Пепељугоска, наш национален претставник во „Еуримаж“.

– Во ваква конкуренција проектот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше оценет одлично и рангиран е на високо 3. место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа позитивни и оптимистички: „…млада и талентирана режисерка која треба да се поддржи; сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот; сериозен продуцентски тим…“ – рече Ќурчинска Пепељугоска.

Македонија е членка на „Еуримаж“ од 2003 година. Јубилејната година ја завршуваме со вкупно 775.000 евра доделени на „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски на 168. сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169. сесија и филмот на Дума.

– Очекувам дека за 2-2,5 години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните национални фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе стори напор да не се повтори оваа година во која првите 10 месеци немавме ниту еден снимачки ден и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година“ – додаде Пепељугоска.

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела „Еуримаж“ од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.438 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 710 милиони евра.

Сподели