Низ визурата на Исус: Ерос – величина во заминување

Кој е мотивот на Исус да повика на уривање на сето она што со стотици векови било свето во јудејската заедница?

Пишува: Љупка Христова-Башевска, доктор по социологија на религии

Старозаветниот Ерос, што беше поставен на чело на семејната трпеза, опкружен со куп деца и со вниманието на својата, по којзнае кој пат бремена жена, во визурата на Исус доживува драматична промена. Тој сега е на маргините на семејниот живот, некој што веќе го одиграл своето, и со лоша здравствена прогноза – дека нема да ја доживее новата доба, означена токму со Исусовото доаѓање.

Имено, како што ќе ни пренесе евангелистот Лука, Исус објавува: „Синовите од овој свет се женат и мажат / но оние што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат ниту ќе се мажат (Лука 20,34-35). Во светлината на традиционалното поврзување на биолошката репродукција со бракот, ова е најава и на блискиот крај на сексуалните односи. Штом е така, зошто да не се забрзаат работите? Исус агитира оние кои не засновале брачна врска, да останат такви, „скопени“, додуша, ако можат тоа да го „примат“ (Мат. 19,12), а оние кои веќе воспоставиле такви врски, да го остават домот, жената, децата и сите блиски, да ги заборават, та дури и да ги намразат (Лука 14,26) ако сакаат да му бидат достојни.

Оние кои ќе поверуваат во Исуса, тоа и ќе го сторат („Петар пак рече: ,Ете ние оставивме сè и врвиме по Тебе’“ – Лука 18-28)! Ваквиот развој на дејствието е цврсто мотивиран. Ова е судбоносен миг, долгоочекуваниот Спасител, што на Јудејците им е ветен уште од страна на старозаветните пророци, ете, веќе е меѓу нив, во нивниот грешен свет за да им ги отвори портите кон вечноста! Какво значење уште може да имаат сите упоришта на нивниот дотогашен, „земен“ живот, вклучувајќи го и семејниот и интимниот? Ова е шанса за ослободување од секаков грев и надминување на смртта. Сега само едно е вредно, и тоа бесценето: чекорење со верба по Исусовите стапки.

Но мотивот на Исус, од својата „небесна програма“ да го исфрли бракот и телесноемоционалната блискост што овој ја носи во својот потенцијал, бара разгатнување. Оти, иако во образложението на својот основен идеен концепт Тој ќе му даде целосна предност на духот пред телото („Духот е тој што оживува, телото ништо не помага…“ – Јован 6,63), сепак, со ниту еден збор, Исус нема да ни сугерира дека телото и придружните категории (сексуалните односи, жената како провокатор на машкиот сексуален порив итн.), сами по себе се некаков извор на зло!

Впрочем, ако го сметал телото за зло, Неговите чуда не би биле насочени кон исцелување на телото. А Тој ќе исцели, со допир, со збор или со помисла, слепи, глуви и неми, лепрозни, парализирани, ментално растроени, па – и мртви ќе крене на нозе! Ако за Него бракот е зло, дали би им направил чест на младенците од Кана, така што ќе ја прифати поканата да присуствува на нивната свадба, па уште и да ја збогати трпезната понуда за свадбарите со нови мери вино, создадено на чудотворен начин? Дали би се однесувал кон децата – плодот на машката и женската плот – така како што ќе ни посведочи евангелистот Марко: „‚Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо…‘ / и кога ги прегрна ги положи рацете врз нив и ги благословуваше“ (Марко 10,13-16). Па, оваа секвенца во која Тој ги прегрнува децата (го гледаме поднаведнат кон нивните телца) – е единствен спонтан излив на нежност од Негова страна, забележан во четирите евангелија и во текстовите на Новиот завет воопшто!

Најеклатантниот доказ дека Исус не го обезвреднува во принцип телото и сексуалните пориви, ни го дава евангелистот Матеј. Тој ќе посведочи дека Исус, пред своите идејни непријатели, фарисеите, ќе ги реафирмира зборовите од старозаветниот Закон во врска со релацијата маж-жена, што се еден вид Божји благослов на бракот: „Нели сте читале дека Оној што ги создаде на почетокот, маж и жена ги создаде…/ и ќе бидат обата едно тело“ (Мат. 19,4-5)!

Кој е тогаш мотивот на Исус да повика на уривање на сето она што со стотици векови било свето во јудејската заедница?

За ова да се сфати, треба да се „догледа“ приказната за Исусовиот живот и дело до крај. Во таа, „голема слика“, Неговите ставови во врска со телото, сексот, бракот, се вклопуваат во рамките на една стратегија за остварување на апокалиптичните надежи што Тој ги најавува, заедно со отфрлањето на сите дотогаш вообичаени активности на секојдневниот живот, па дури и оние со кои се обезбедуваат елементарните потреби: „… не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме?/… Но, барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда…“ (Мат. 6,31-33). Сево ова е Негов повик за еден радикален пресврт нужен во даденото време, на прагот на „добата што ќе дојде“: нема веќе време за расплинување на човековата енергија, новата доба која само што не настапила, бара нова и потполна усредоточеност кон царството Божјо!

Накусо, старозаветниот Ерос во визурата на Исус е лик во заминување. Неговото прегалство во сферата на телесното – брачното и семејното – пред портите на вечноста се брише од листата на актуелните прашања. Дотогаш Ерос на своите потомци им давал плотен – смртен – живот, и патоказ за вистинските животните вредности. Но, се појавува Исус и сега Тој е Патот, Вистината и Животот (Јован 14,6), и оној кој ќе поверува во Него, нема да погине, но ќе има живот вечен (Јован 3,16)!

Насловна фотографија: Wikipedia

(ПРОДОЛЖУВА: Низ визурата на апостол Павле и други апостоли: Ерос како порок)

Сподели