Ќе може ли Ерос, во едно сценарио сместено во светот на Старите Евреи, до крај да ја развие онаа своја битна димензија во која е извор на телесна радост?

Пишува: Љупка Христова-Башевска, доктор по социологија на религии

Во кадрите на Стариот завет во кои Ерос за прв пат се појавува, тој е неискусно момче со вознемирувачки очекувања на радостите од идните телесни наслади, за во натамошното дејствие постепено да се развие во онаа насока која му е определена од заедницата и од Бога уште пред стотици векови: во стамен сопруг и горд продолжувач на семејната лоза.

Имено, неговата појава во заедницата се дочекува со посебна благонаклоност. Впрочем, целата сценска поставка е во духот на славењето на сите телесни аспекти на постоењето. Се благословува доброто здравје, долговечноста, благосостојбата што доаѓа како награда за трудот и умешноста, а на богатата трпеза е и виното што ја весели душата. Дури и инаку строгиот Мојсеј – неприкосновениот автор на животното сценарио на Старите Евреи – лично има своја реплика, со која силно ги поддржува активностите на Ерос – милувањата во постелата – определувајќи ги како извор на радост („Ако некој скоро се оженил, нека не оди во војска, и да не му се наложува никаква работа; нека остане тој слободен во домот свој цела година и нека ја весели жената своја што ја зел“ – 5 Мој. 24,5)!

Но, ќе може ли Ерос, во едно сценарио сместено во светот на Старите Евреи, до крај да ја развие онаа своја битна димензија во која е извор на телесна радост? Реално е да се очекува дека патријархалните норми што го крепеле тој свет со стотици векови, ќе го подведат под свое туторството, кое ќе ја заузда неговата бујна младешка природа, и таков, дисиплиниран, ќе го сведат на неговата сексуално-репродуктивна функција и на грижата за семејството и потомството.

Ова, впрочем, е во корелација со една од највисоките вредности во старозаветниот дом плодноста на жената: „Жената твоја во домот ќе биде како лоза плодовита, синовите твои – како новонасадени маслини околу трпезата твоја/… и ќе ги видиш синовите на синовите твои“ (Псал. 127,3-6). Кој би се осмелил да не учествува во продолжувањето на оваа епска приказна, тука да се заседне како ерген не доаѓа предвид! Се очекува, штом ќе дојде правиот час, младиот човек да започне со сексуално општење, како што се очекува во правиот час детето да прооди или да проговори. Нема многу време за замајување со предимства во изборот, со чувства, со лични желби, семејството и заедницата ќе ги земат работите во свои раце и сесрдно ќе ја обезбедат подобната комбинација.

Ќе има тука работа за Ерос! Но, неговиот терен за акција е строго омеѓен со димензиите на брачното легло. Тоа збира само двајца. Сè едни исти двајца и тоа, едниот маж, другиот жена. Така е уредено уште на првите страници од Првата книга Мојсеева, еднаш со заповедта – „ ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело“ (1. Мој. 2,24), а веднаш потоа и со приказната за Адам и Ева – за еден маж и една жена, голи и сами во Рајот (1. Мој. 2,25), кога врската на парот е допрецизирана како целосно затворен свет за контакт со уште некој сексуален партнер, оти, нели, тука и нема некој трет. Во услови, пак, кога искушенијата веќе се бројни, има да важи заповедта: „Не врши прељуба!“ (2. Мој. 20,14), а како претходница на современите сфаќања дека „најважниот сексуален орган на човекот е главата“, тука е и дополнителната заповед: „Не пожелувај ја жената на ближниот свој…“ (2. Мој. 20,17). Што ако некој сепак изврши прељуба? Ако ја изврши со мажена жена, казната е смрт за обајцата (3. Мој. 20,10). Случајот таа да не е мажена, но тој да е женет, не е предвиден. Ова е патријархален свет. Но има тука и подлабок резон. По природата на работите, првиот случај, кога мажена жена е актер во прељубата, е поголема загроза за интегралноста на семејната лоза и грижата за семејството и децата. Очигледно, тоа е врвната вредност што се штити. Со смрт се казнува и сексуалното задоволување со животно (3. Мој. 20,15-16), што може да се толкува и како непријателски став на овој монотеистички конципиран морално-правен кодекс спрема многубоштвото кај разни постари и околни народи, во чии митови, како реминисценција на тотемизмот и култот на плодноста, половиот однос со животни е чест мотив (во грчката митологија, Европа општи со бик, Леда со лебед итн.). Но, фактот што се инкриминира и половиот однос на маж со маж („Ако некој легне со маж како со жена…“ – 3. Мој. 20,13), а не се инкриминира половото задоволување на жена со жена, кажува колкава вредност ѝ се придава на репродуктивната функција на сексот; оти при сексуалното задоволување жената не го губи својот репродуктивен генетски материјал, а мажот го губи. Од истиот разлог – за да ја афирмира репродуктивната функција на сексот – сценариото на Стариот завет на Онан му доделува улога на најцрн престапник. Имено, тој, како што налага традицијата, ќе се ожени со вдовицата на својот брат, но „кога влегуваше при жената на братот свој, го истураше семето наземи…“ (1. Мој. 38,9-10). Заради ваквото расипништво, Бог ќе го погуби!

Накусо, на сцената на Стариот завет Ерос игра улога на афирматор на репродукцијата на животот, продолжувањето на семејната лоза и грижата за потомството и на моногамниот брак, како најмалку спорна форма за остварување на таа цел.

Ова не значи дека текстот на Стариот завет е лишен од еротски сцени. Но со тоа не е доведен во прашање неговиот идеален – патријархален – морален концепт во врска со сексуалноста: неколкуте еротски секвенци им се доверени на жени, а жената не е промотор на клучните општествени вредности. За секој случај, авторот и тие сцени ќе ги прикрие со превезот на патријархалното. Така, Рут од истоимената книга, го поттикнува роднината на својот починат сопруг, Воз, како што и Тамара од Првата книга Мојсеева го поттикнува таткото на својот починат сопруг, Јуда, на сексуален чин, обете со намера, како вдовици без деца, да забременат со човек од истото семејство во кое биле мажени, што е тенденција на старозаветните обичајно-правни брачни прописи. Но, ако нивната намера е во склад со барањата на јудејската традиција, методот што го применуваат е во склад со безвременската женска вештина на заведување, што говори за едно латентно „несовпаѓање на јавно промовираниот, идеален модел на традиционалната култура, со оној реалниот“, појава што е констатирана и во современите традиционални балкански култури од страна на повеќемина етнолози од балканскиот регион (види Јакимовска 2014:114-115): „Воз се најаде и се напи, и го развесели срцето свое, и отиде, па легна да спие до стогот. И таа отиде полека, го откри откај нозете негови и легна“ (Рут 3,7); „А таа ја соблече од себе вдовичката облека и се облече во летна облека, си стави превез, па седна пред портата…/ И тој… влезе при неа; и таа зачна од него“ (1. Мој. 38,14-18)….

Но еве го највозбудливиот момент во старозаветната љубовна приказна: наспроти својот нагласено патријархален концепт, Стариот завет во еден момент ќе дозволи на сцената сосема слободно да проговори женскиот еротски копнеж, буен и артикулиран во отворена сексуална иницијатива: „Да, сакам да ме целиваш со бакнежи на устата своја!“; „Дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме во селата; таму ќе те опсипам со милувања.“; „Го соблеков хитонот свој…“; „Левата рака негова ми е под главата. А со десната ме прегрнува“; „Сета моја внатрешност се возбуди од него“… (Песна, делови).

Но, не е како што ви се чини! Според официјалните верски ставови, ова требало да се сфати во преносна смисла!

Се работи за стара еврејска народна песна (или комбинација од неколку?), внесена во корпусот текстови на Стариот завет од страна на јудејските рабини, со аргумент дека претставува погоден алегориски приказ на љубовта на израелскиот народ кон Бога. Ист третман – на алегориски приказ – оваа песна добива и подоцна, при канонизација на христијанството, и така останува вклопена во библискиот корпус, само што сега, според толкувањето, љубениот е Христос, а љубената – црквата.

Но, ако експлицитната еротска атмосфера на овој текст од врвни верски авторитети е оценета како достојна да асоцира на љубовта кон Бога односно кон Христос, зар тоа не е заобиколно величествено признание на моќта на Ерос!

Насловна фотографија: Wikipedia 

(ПРОДОЛЖУВА: Низ визурата на Исус: Ерос – величина во заминување)

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.